По поднесено барање од Синдикатот на културата на Република Македонија со приложување на докази за исполнување на условите за стекнување на репрезентативност предвидени во Законот за работни односи, Комисијата за утврдување на репрезентативност утврдила дека СКРМ ги исполнува условите за утврдување на репрезентативност, врз основа на што Министерството за труд и социјална политика донесе решение за утврдување на репрезентативност на Синдикатот на културата на ниво на гранка, односно оддел ,,Библиотеки, архиви, музеи и останати културни дејности“ во временски период од три години од денот на донесувањето на решението.
Инаку, според закон, репрезентативен синдикат на ниво на гранка, односно оддел е синдикат кој е запишан во регистарот кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени во гранката , односно одделот и кои плаќаат членарина.
На 26 декември 2018 Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК упати отворено писмо до јавноста во кое беа поставени неколку прашања до Mинистерството за култура и СКРМ меѓу кои и прашањето за репрезентативноста на СКРМ.
СОНК реагираше и на Министерството за култура оценувајќи дека има селективен пристап кон синдикатите, односно во овој случај го фаворизира СКРМ, заборавајки на СОНК како Синдикат кој од секогаш се борел за правата на работниците во културата. СОНК во реакцијата ги оцени активностите на Министерството за култура и СКРМ како обид за девалвирање и потценување на синдикалната организација.
По долга борба во која што многу пати од СКРМ алармираа дека се донесуваат закони на штета на работниците во културата и се опструира стекнувањето на репрезентативност на синдикатот конечно СКРМ добија решение за утврдена репрезентативност и најавија дека ова е само почеток на борбата за правата на работниците во културата, дека кога се во прашање работничките права не отстапуваат и не прават компромиси, а донесувањето на нов Закон за култура и потпишување на нов Колективен договор се нивен основен приоритет.
Останува отворено прашањето дали реакциите на СОНК се однесуваат само на ингеренциите во областа на културата, особено важно дали културните работници се соодветно застапени во СОНК како синдикат кој треба да се бори за правата на истите и да учествува во колективно договорање или во оваа синдикална организација доминираат работници од образование и наука? Дали доколку е тоа случај и доколку нема соодветна застапеност на работници од областа на културата СОНК има способност соодветно да ги застапува работничките права и правилно да ги артикулира прашањата кои ги засегаат културните работници засебно од вработените и нивните права од работен однос во образованието и науката?
Согласно Законот за работни односи репрезентативноста на синдикалната организација се определува со решение за временски период од три години, од денот на донесувањето на решението. Во однос на тоа се наметнува и прашањето дали СОНК има решение за репрезентативност од 2016 година па наваму?
Сепак, Законот за работни односи вели дека кога на ниту еден синдикат не му е утврдена репрезентативност,односно не ги исполнува условите за утврдување на репрезентативност во поглед на процентот на членовите, право да учествуваат во склучување на колективниот договор има синдикатот со најголем број членови.
На крај останува само едно сигурно, дека како репрезентативен синдикат СКРМ официјално е социјален партнер на Министерство за култура за понатамошен социјален дијалог и колективно договарање.
Симона М. Живкова