Mинистерот за здравство и други релевантни претставници на здравството неодамна дадоа препораки за справување со високите температури меѓу кои и препорака да се избегнува престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Но, очигледно, оваа препорака не важи за работниците кои работат на отворено и покрај високите температури. Како и во минатото, граѓанските новинарки и новинари објавуваат фотографии и снимки од градилиштата каде што се гледа дека градежните работници извршуваат работни задачи на отворено во периодот во кој се препорачува избегнување да се излегува надвор без потреба.
ЦИВИЛ во повеќе наврати ја алармира јавноста, работодавците, Инспекторат за труд, Одделот за безбедност и здравје при работа, при Министерството за труд и социјална политика да преземат итни мерки и да ги побараат ослободување од работните обврски на работниците кои се изложени директно на високи температури. Со години наназад, ЦИВИЛ инсистира да се преземаат сите неопходни мерки за заштита на здравјето и безбедноста при работа за сите работнички и работници во земјава, што е дел и од работничките права.
Работодавачите имаат обврска да ги заштитат работниците од повеќе аспекти, бидејќи тие се одговорни за нивното здравје, безбедноста и за почитување на нивните работнички и социјални права.
За потсетување, ЦИВИЛ Медиа и претходоно објавуваше информации за овие состојби, по што Министерството за труд и социјална политика презеде брзи и остри мерки за спречување на злоупотребата на работниците и кршењето на работничките права.
Симона М. Живкова
Видеото е од архивата на ЦИВИЛ, 30 јуни 2017