Основното јавно обвинителство одговори на прашањата што јавно ги поставив во мојата колумна Зошто Орце Камчев не одговара за давање награда?, а потоа и ЦИВИЛ, како организација за човекови права, ги достави до ОЈО
Прашањата беа:
Дали ЈО има сознанија кој ги дистрибуирал снимките во странскиот медиум? Што има преземено во врска со тоа?
Снимките објавени во странскиот медиум се снимки од домот на Орце Камчев кои тој ги документирал и тој располагал со нив. Што е тоа што спречува одговорноста за дистрибуирање на снимки кои се доказ во оваа постапка, а се предадени во друга држава, да се бара директно од Орце Камчев?
Во неколку наврати ЈО изјави дека, заради доверливоста на постапката, не сака да изнесува детали околу случајот пред јавноста, додека дел од доказниот материјал се најде во странски весник. Дали лицето кое ги има предадено снимките на овој начин треба кривично да одговара и за кое дело
Дали како обични граѓани, ако сакаме да дадеме поткуп некому „за да ни заврши работа“ и одлучиме да го снимиме лицето кое го поткупуваме (корумпираме), па откако ќе ни ја заврши работата, го пријавуваме кај премиерот или кај некој друг функционер или дури и кај Вас, а снимките ги даваме дополнително на некој медиум за да има забава, нема да одговараме?
Од службата на ОЈО за односи со јавноста го добивме следниот одговор:
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно закон има надлежност за постапување само за кривични дела сторени на територијата на Р.С.Македонија.
Согласно своите надлежности обвинителството презема активности за утврдување како детали од истрагата се појавија во македонските медиуми. Во рамките на постапката по обезбеден доказен материјал, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик. Постапката продолжува во насока на обезбедување на докази и утврдување кое лице ги предало документите на обвинетиот новинар, доколку се идентификува ова лице и против него ќе биде поведена кривична постапка.
Но што, всушност, беше одговорот на ОЈО?
Од мене едно благодарам и браво за транспарентноста на работењето на ОЈО во откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители.
Ама, да разјасниме нешто:
Според Кривичниот законик, кривичното дело е извршено како во местото каде што сторителот работел или бил должен да работи, така и во местото каде што настапила последицата.
Снимките и покрај тоа што се објавени во друга држава, надвор од територијата на РСМ, сепак, тие снимки се дистрибуирани од територијата на нашата држава со цел да бидат објавени во другата држава.
Дополнително прашање:
Дали од Вашиот одговор можеме да заклучиме дека лице кое од територијата на РСМ ги испратило снимките од домот на Орце Камчев во друга држава, не сторило кривично дело и не сноси одговорност?
Симона М Живкова