Ви текнува драги мои на лажната вест од пред некој ден на Инфомакс за 4-јазичната табла во Швајцарија на која го немало македонскиот, а го имало (иако го нема) албанскиот?
Е па после реакцијата, откога беа фатени на дело со лага, Инфомакс го „поправиле“ текстот. Ги извадиле спорните делови, со што всушност ја признале нивната… грешка.
Дали е ова победа? И да и не. Не е победа, затоа што корекцијата е направена тивко, пост-фестум, без извинување до публиката, која била измамена. Многу од оние што прочитале нема да ја видат корекцијата. Да не зборуваме за штетата која ваквите содржини ја прават кон меѓуетничките односи. Штетата е направена, но луѓето зад овој сајт не чувствуваат одговорност за тоа да напишат ниту збор, макар да напишат дека содржината е едитирана, што е пракса, на пример, за професионални онлајн медиуми.
Но, сепак е победа. Тоа што го поправиле текстот и со тоа фактички признале дека на јавноста не и ја кажале вистината, е мала победа, и патоказ за тоа како треба да се справуваме со оние што шират невистини – да ги соочиме со вистината, јавно, пристојно, но без ракавици. И, да се обидеме да мобилизираме јавна осуда на лажговците.
Очигледно, оние што шират невистини, следат ревносно. Но, ќе мора и да се поправаат. Макар и вака, со „бришење на трагите“. Оти, ова не се времиња за „безгрешни“, а ниту времиња во кои врват проѕирни етнички хушкања. Таквите времиња се далеку зад нас, заедно со пребеганиот пастир во Будимпешта.
Петрит Сарачини
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА