Право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос
најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18
месеци.
Право на паричен надоместок има невработено лице за времето поминато во
работен однос, за кое се уплатувани придонеси од задолжително социјално
осигурување и тоа:
– во работен однос со полно работно време;
– во работен однос со неполно работно време, пресметано во полно работно
време;
– во работен однос на определено време (сезонска работа) подолго од 40 часа во
неделата, ако тоа време му е пресметано во работен стаж и
– за работа во странство.
За остварување право на паричен надоместок како време поминато во работен
однос не се смета времето за кое невработеното лице примало паричен
надоместок.
Право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое
работниот однос му престанал поради:
– давање писмена изјава на работникот дека сака да му престане работниот
однос, освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење
на брачниот другар или склучување на брак;
– спогодбено престанување на работниот однос;
– остварува права од работен однос спротивно на закон;
– престанок на работен однос по сила на закон, освен во случај на престанок на
правното лице поради стечај;
– неоправдано изостанување од работа последовно три работни дена или пет
работни дена со прекин во текот на една година;
– престанокот на работниот однос со отказ од страна на работодавач за кршење
на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон,
колективен договор и договор за работа;
– одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
– одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавач во согласност со
закон;
– одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно
место кај ист или друг работодавач, што му се обезбедува во согласност со закон;
– губење на работната способност согласно со прописите за пензиското и
инвалидското осигурување и
– исполнување услови за остварување право на пензија.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се
утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот
согласно со закон, колективен договор и договор за вработување и изнесува 50%
од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице
кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на
паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12
месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за
последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето
плата.
Надоместокот не може да изнесува повеќе од 80% од
просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена за
последниот месец.