Вие сте тие заради кои во недела излеговме овде
Се надеваме еден ден ќе допре нашата мака до вашите срца
Стоп за психичкото вознемирување на работно место
Ова се дел од барањата и пораките упатени кон работодавците од текстилната индустрија, кои денес можеа да се слушнат на мирниот протест на текстилните работнички во Штип. Текстилните работнички денес излегоа и гласно упатија порака до работодавците дека овој пат и тие имаат свои барања и дека нема да молчат на неправдите кои им се нанесуваат од работодавците. На протестот имаше стотина работнички од Штип, дел од нив своите потресни стории на дискриминација и прекршувања на нивните права од работодавците, ги споделија јавно пред сите пристуни.
Ние сме благодарни на граѓанските организации во кои имаме најголема доверба и ни се први места каде се обраќаме кога ни треба помош, благодарни сме и на министерката Мила Царовска која навистина се труди околу текстилните работнички и успеа да ни ја покачи минималната плата. Ние денес за прв пат се охрабривме да направиме вакво нешто, да излеземе без страв, знаејки дека можеби од утре ќе имаме проблем со работодавачот. Но, одлучивме дека е време да собереме храброст и да се спротиставиме на нивните интереси и да кажеме дека и ние имаме свои барања. Зошто и најдобрите закони да ни ги донесат, ако не знаеме да се спротиставиме на работодавците, ние ќе бидеме во лоша положба. Затоа сме овде, изјави за ЗУМ.МК текстилна рабтничка.
Ова е прв пат текстилните работнички да соберат храброст и да застанат една до друга. Една од главните пароли на протестот беше паролата, „СОЛИДАРНОСТ“ зборчето и чувството на текстилните работнички што фалеше во целата приказна за работникот да го дигне својот глас.
ЦИВИЛ целосно ги поддржува барањата на текстилните работнички и категорично бара од институциите да го гарантираат правото на мирен протест и правото на штрајк. Ниту една работничка или работник што протестира не смее да трпи било каков вид на вознемирување или притисок на работното место. Напротив, за поздравување и за поддршка е кога работничките и работниците имаат храброст да ги бараат своите права. Работниците имаат легитимни барања, а согласно Уставот на РСМ, граѓанките и граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Секоја една работничка која би трпела некаков притисок од страна на работодавачот, поради денешното присуство на протестот, ја охрабруваме без размислување да се обрати и да го пријави тоа, а ние заедно со останатите граѓански организации, а веруваме и институциите, ќе се погрижиме да ѝ се обезбеди соодветна заштита.
Собирот денес беше еден голем чекор кон враќање на солидарноста и довербата меѓу текстилните работнички и работници.