Во текот на вчерашниот ден до граѓаните пристигна информацијата за новиот предлог закон за јавен собир. Предлагачите на овие измени, односно работна група во рамките на Министерство за внатрешни работи задолжена за ревидирање на законот, објаснуваат дека при интервенирањето во овој закон, воделе сметка да се постигне фер баланс помеѓу правото на граѓаните и интересите на останатите граѓани односно другите вредности, особено националната безбедност и јавната сигурност, мирот и благосостојбата на граѓаните на Република Северна Македонија. Со интервенциите во новиот предлог закон, се предлагаат широка палета на ограничувања на местата каде што може мирно да се собираат граѓаните, зголемување на бројката под која би се подразбирала јавен собир и временско ограничување во кое би можело граѓаните јавно да се собираат.
Наспроти овој предлог закон, во Уставот на РСМ се гарантира правото на јавен протест без претходно пријавување и посебна дозвола.
Исто така, во Уставот на РСМ изречно се наведува дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Устав и закон.
Меѓутоа, предлагачите на законот за ова ограничување се повикуваат на Европската конвенција за заштита на човековите права и протоколите на наведената конвенција во која е наведено дека
остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност,заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други.
И покрај тоа што работната група која предлага измени во овој закон, се водела од правата и на останатите граѓани и националната и јавна безбедност, сепак сакаме да потенцираме дека овие предлог измени воопшто не се во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и дека содржат премногу ограничувања на ова право во поглед на местата на кои се става забрана за одржување на јавни собири и кои не можат да се дефинираат како мерки за обезбедување на национална безбедност, заштита на редот и спречување на злосторства, ниту како заштита на правата и слободите на други. Органите на државната власт и институциите се институциите кои припаѓаат на граѓаните и им служат на граѓаните и доколку граѓаните сметаат дека треба да организираат јавен собир пред тие инситуции заради остварување на легитимни интереси, мирно изразување на мислење или протест тоа не смее да им биде ограничено.
Просторот околу нив во ниту еден случај не смее да биде предмет на забрана преточен во Закон за јавен собир кој треба да го гарантира ова право.
Ова ограничување секако е спротивно на Уставот на РСМ и Европската конвенција за заштита на човековите права и протоклите на кои предлагачите се повикуваат. Во таа насока апелираме да не се усвои предлог законот во оваа форма, а ги поздравуваме напорите кои се обидува да ги направи Министерство за внатрешни работи во насока на обезбедување безбедност и остварување на правата на граѓаните.