Во однос на протестот на дел од жителите во Визбегово, навистина сум разочарана што сѐ уште се соочуваме со предрасуди, особено кога станува збор за деца. Истовремено сум силно мотивирана да го завршиме процесот на деинституционализација, бидејќи наша заложба е да се грижиме за секое едно дете.
Трите деца сместени во малиот групен дом во Визбегово за првпат добиваат топол дом и 24 часовна грижа од стручни лица. Да не заборавиме дека позади синтагмата „социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение“ се крие дете со тежок, несреќен почеток во животот. Должност е на државата, но и на целото општество, на секој од нас да направиме сѐ за да ги поддржиме да се развијат во идни активни, продуктивни и среќни млади луѓе.
Се надевам дека разумот ќе преовлада и ќе се обединеме во заедничката цел – да обезбедиме топол дом и подобри услови за раст и развој за секое дете.
Изјави Министерката за труд и социјална политика по повод протестот кој го организираа жителите на Визбегово со повик до институциите да се дислоцираат децата од нивната населба, поради тоа што тие сметаат дека можеби ќе доаѓало до конфликти со останатите деца кои живеат таму. Исто така жителите кои денес протестираа истакнаа дека стручните лица не се грижат соодветно за децата сместени во домот и дека не се под 24 часовен надзор како што би требало да биде.
Освен Министерката, денес на социјалните мрежи се забележува и голема реакција од страна на останатите граѓани кои ги осудија жителите на Визбегово, поради дискриминацијата и говорот на омраза упатен до децата сместени во домот.