пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Што е ЦИВИЛ? Тоа е една група на луѓе, која е различна по многу работи. Има идеолошки (не во смислата од нашата испервертирана реалност) разлики, припадници на различни народи, религии, пол, сексуална ориентација, возраст… Разлики? Само кажете што ви треба, имаме сè!
Но во едно нешто, да бидете сигурни, дека сме единствени, и од тоа не отстапуваме. Максимална почит и бескомпромисна борба за почитување на човековите права, во максимална и најширока интерпретација на тие зборови!
Дали за мирот и неговото постојано градење, добрите меѓуетнички односи, фер изборите и заштитата на избирачкото право, борбата против оружјето, социјалната правда, животната средина, ангажираната уметност и вреднувањето на домашните независни уметници… ЦИВИЛ отсекогаш делувал без ракавици и големи зборови, туку конкретно.
И, говорел гласно, не само во име на „различните“ во секаква смисла, обесправените, безгласните, ЦИВИЛ секогаш е гласот на сите слободоумни граѓани, глас на разумот наспроти лудилото, на мирот спроти насилството, на аргументите наспроти лагите. Без оглед на тоа кој е на власт, без оглед на тоа дали е климата во јавноста „поволна“ или не.
Со ЦИВИЛ сум од самите почетоци, од 1999 година. Моето искуство со оваа прекрасна екипа, освен граѓанскиот активизам во политичка смисла, вклучува и големо богатство настани и акции на ангажираната уметност. Го вклучува заедничкото крчкање на култното Life Radio , па Рок за мир во 2001ва, Peace Unlimited Фестивалот кој еден дел од минатата деценија полнеше саемски хали со домашни рок бендови (замислете само!), Караванот на Слободата со концерти низ плоштадите во градовите на цела Македонија (повторно само со домашни бендови и уметници, замислете!) и многу други знајни и незнајни настани, концерти, изложби, мултимедијални настани, во сали, клубови, на улици, плоштади… секаде.
Ова е само мал дел од она што оваа екипа изнесе на своите плеќи, далеку од чекмеџињата на големите донатори и богатите проекти, а и без ниту еден денар земен од државата, секогаш давајќи од себе многу повеќе од она што било замислено.
Не знам дали слушнавте, својот 20-годишен јубилеј, ЦИВИЛ ќе го прослави без помпезни свечености, журки и коктели. Наместо тоа, во текот на 20-ина денови на јавноста ѝ се нуди серија од значајни настани, дебати, уметнички перформанси и мултимедијален фестивал, повторно потпрени исклучиво на домашни интелектуални и уметнички сили, низ кои се прави мала рекапитулација на досегашната борба, но и размислувања и решенија за нашата заедничка иднина. Работна прослава, како што му приличи на овој колектив.
На сите ЦИВИЛ-и во Македонија, од сè срце, честит јубилеј, 20 години ЦИВИЛ! Одиме гордо, борбено, чесно, право, напред! До победа!