Градоначалничката на Општина Македонска Каменица во разговор за ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за младите и можностите кои Општината им ги става на располагање на младите во Македонска Каменица, но и за предизвикот да се биде жена градоначалничка во мала општина.
Нашата Општина годинава доби признание од Глобал Локал за креирање на поволна бизнис клима и креирање клима за претприемништво. Ова награда ја добивме како резултат на заложбите кои ги направивме овие две години да ги поттикнеме младите на претприемнички дух, кои постојано ги повикуваме дека во Општина Македонска Каменица ќе најдат и просторни можности и нефинансиска помош. Неодамна во нашата општина се одржа форум на жени претприемачи, особено како жена градоначалник сакам да ги поттикнам и да им помогнам на жените, затоа што во нашата општина има исклучително вредни и талентирани жени кои работат, произведуваат, но имаат потешкотии. Применувајќи ги средставата кои ги нуди Европа и можностите кои ги нудат одредени здруженија кои поддржуваат претпприемништво, ги вмрежуваме сите оние кои се заинтересирани за да се пронајдат себе си, да инвестираат во себе, да станат успешни претприемачи и да бидат пример во регионот. Општина Македонска Каменица е една од ретките општини која нуди просторни можности и во моментот сме во преговори да се обезбедат средства за овде да направиме Регионален Центар кој би го координирал и потпомагал претприемништвото, изјави Стаменкова
Со самото тоа што сум жена во мала општина како што е Македонска Каменица, со самото тоа што граѓаните ме избраа како граданочалничка жена, стереотипите, Македонска Каменица ги има надминато. Што е тоа што ние жените отсуствуваме од политичката сцена, дали е тоа до стереотипите, а докажаа гласачите дека ги надминавме, или тоа е до нас дали ние сакаме, можеме и умееме. Јас би кажала дека можеби повеќе е до нас од колку до средината во која живееме. Тешко е да се биде и маж градоначалник, но јас би кажала дека за да ги задоволите очекувањата на граѓаните како жена јас треба да направам два пати повеќе од маж градоначалник. Не е лесно, меѓутоа задоволството е огромно. Целиот мој век го поминав тука и ми е задоволство кога ќе видам задоволни граѓани, има и незадоволни граѓани како што реков, но јас знам дека правам нешто добро и убаво за мојот град, исткна градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
Симона М. Живкова
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Дехран Муратов