Сè уште се чести случаите кога жените во земјава се исклучени од имотното наследство под притисок на традицијата, покажуваат истражувањата. Третманот на жените е и еден од недостатоците на правосудниот систем во земјава, велат од ГИЗ – организација која работи на проекти поврзани со правосудството, пренесува Радио Слободна Европа
Жените се рамноправни пред законот, но не се сите еднакви со мажите кога станува збор за наследување имот, бидејќи истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека и натаму има значителен број случаи кога тие отстапуваат од семејното наследство под притисок на менталитетот и традиционалните норми во општеството.
Според истражувањето насловено Правото на сопственост и наследничко право на жените во Полошкиот регион, изработено од Здружение Женски форум Тетово, над 68 отсто од анкетиранитe жени изјавиле дека нивната сопственост е регистрирана на име на сопругот, односно на таткото, додека само 13 проценти од семејствата рекле дека сопственоста е на име на жената и 7,7 отсто имаат заеднички имот.
„Состојбата е сосема затворена и се чувствува дека е некоја табу тема жените да зборуваат за своето право на имот и наследување. Особено е воочливо дека постои разлика меѓу жените од руралните средини и жените од урбаните средини кои се чувствуваат послободни да зборуваат за ова пршање“, вели Слаѓана Јосифоска – проектен координатор од Здружение Женски форум Тетово.
Извор: Радио Слободна Европа