Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен
да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време. Право на минимална плата имаат сите работници, во висина утврдена согласно со Законот за минимална плата.
Започнувајки од месец декември минималната плата изнесува 14,500 денари што значи дека на сите работници кои работат полно работно време од 40 работни часа, во месец јануари треба да им биде исплатена минимална плата во овој износ.
Надзор над примената на Законот за минимална плата, врши Државен инспекторат за труд и на сите работници на кои нема да им биде исплатена минимална плата во овој износ утврден со закон, треба ова прекршување да го пријават во Државниот инспекторат за труд кои по добиените сознанија се должни согласно закон да извршат инспекциски надзор кај работодавачот и да му определат рок во кој ќе биде должен да го отстрани прекршувањето, односно работодавачот ќе биде задолжен да го исплати целиот износ на минимална плата согласно Законот за минимална плата.
Покрај тоа работодавачите во приватниот сектор согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор имаат обврска на работниците да им исплатат регрес за годишен одмор за 2019 година, а рокот за негова исплата е до 31 декември 2019 година. Право на регрес за годишен одмор има секој работник кој работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Сите работници кои го имаат ова право, а на кои нема да им биде исплатен регрес за годишен одмор во овој рок, ова прекршување можат исто така да го пријават во Државниот инспекторат за труд.