Новинарот Томислав Кежаровски ги повикува сите уметници, да земат учествуваат со своите дела во хуманитарната изложба што по повод Меѓународниот ден за заштита на човековите права ќе се одржи на 10 -11 декември во МКЦ во Скопје. Тој преку својот Фејсбук профил го испрати следниот апел:
До сите академски сликари, вајари, скулптори и самоуки сликари…
До сите уметници со добра волјаПочитувани Дами и Господа,
Почитувани пријатели,Ве повикувам со свои дела да учествувате на хуманитарната изложба што по повод Меѓународниот ден за заштита на човековите права и Денот на УНИЦЕФ за заштита на децата, ќе се одржи на 10 и 11 декември во МКЦ.
Изложбата е насловена „5 минути до 12″.
Отварањето на изложбата е во 11.55 часот.Организатор е Центарот за помош, поддршка и застапување на притворени и осудени лица.
Заради успешна организација и реализација на овој проект, Ви се обраќам Вам за поддршка, Ве замолувам да донирате слики и скулптури, со цел беспрекорно да го организираме настанот.Средствата што би биле собрани од продажбата на делата ќе ги потрошиме за новогодишни подароци за деца чии родители се во притвор, или се на издржување на казна затвор, но и за подобрување на условите во институцијата.
Со Ваша поддршка Ве уверувам придонесувате за барем делумно, решавање на проблеми на ранлива категорија на луѓе.
Искрено се надевам дека ќе го поддржите овој значаен потфат.Зошто го правам сето ова?
Додека бев во затвор се соочив со многу животни приказни. Тие што имавме малку поголеми деца отворено разговаравме со нив. Знаеја каде сме и зошто сме таму. Знаеја и дали сме сториле нешто, или не.
Оние, пак, другите, чии деца беа на пет или шестгодишна возраст, имаа проблем како да им објаснат каде се, што да им речат, што прават таму.Тие беа принудени да лажат. Им велеа дека се на работа во Италија, Германија, или дека службено се во Турција и им ветуваа дека за Нова година одтаму ќе им купат пакетче, Дедо Мраз, кукла, топка…
Зошто тие малечки суштества, суштества со чиста душа, се виновни што нивните татковци или мајки, намерно или ненамерно сториле нешто, или можеби не сториле ништо, а мораат заради нечии зли намери да се таму?Ете, ете затоа е овој хуманитарен настан…
Годините после излегувањето од затвор не стасав да ја спроведам оваа моја замисла. Се нешто ми искрснуваше на патот. Но, сега решив да одам до крај. Се собравме направивме здружение и ете не.
Знам дека ќе успеам. Нешто од внатре ми вели дека сум на вистинскиот пат.“Своето учество до сега го најавија: проф. Фесим Хусковиќ, проф. Јана Манева Чупоска, проф. Ладислав Цветковски, проф. Стефан Јакимовски, проф. Антонио Арангеловиќ, Живко Поповски – Цветин, Ивана Настески, Невзат Кица, Ема Кушевска и Оливера Ивановиќ.
Интересно е и она што ни се случи пред неколку дена, желба да учествува на хуманитарниот настан пројави и Илија Нестороски, Иле, фудбалерот на Удинезе, нашиот фудбалски репрезентативец. Оној, кого што италијанските медиуми, онака од милост, го нарекоа „ГРАНДЕ НЕСТОР”. Тој не може да стаса да нацрта нешто, иако има талент и за тоа, но затоа пак ни го испрати неговиот дрес и тој ке биде изложен.