ЦИВИЛ – Центар за слобода со години интензивно ја следи корупцијата, со посебен фокус на политичката корупција. Организацијата стана позната според специфичните методологии во спроведувањето на континуираниот мониторинг на состојбата на човековите права, но и на политичките процеси, вклучувајќи ги тука и изборите. Точно пред една година, борбата против корупцијата беше на стаклени нозе, со Закон што се влечеше низ собраниските процедури, и нефункционална Државна комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Од денешна перспектива, на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, која за жал, сѐ уште е дел од политичкото или општественото секојдневие, во обидот за стекнување неприкосновена моќ за одржување на власта, можеме да констатираме дека новиот состав на ДКСК за кратко време се истакна со транспарентна и одговорна работа од првиот ден по формирањето.
Во едно демократско општество, властите формираат институции, што по правило треба да бидат неутрални, објективни и независни, со цел да спроведат контрола, санирање и санкционирање на сите форми на корупција и судир на интереси. За време на претходната власт, тешко дека можевме да речеме дека ние сме земја која ги негува овие вредности и чија Антикорупциска комисија единствено се бореше да ја прикрие корупцијата на владата на Груевски.
Затоа, оваа година и овој состав на ДКСК, според сите начела и стандарди покажаа што значи да се биде доследен, принципиелен, независен и објективен. Тие покажаа што значи да се биде одговорен, траспарентен и отчетен, без партиски и политички влијанија, независно кој, како и од кои прични е вплеткан во активности што се коруптивни. Законот важи подеданкво за сите и никој не е имун, ниту полага право на привилигираност затоа што е политичар, бизнисмен, премиер или претседател на држава.
Конечно, по една деценија жестока корупција, може да се рече дека борбата против корупцијата во нашата земја е започната. И конечно, Државната комисија за спречување на корупцијата за една година направи многу повеќе отколку оној состав во текот на владеењето на претходната влада.
ЦИВИЛ останува буден и активен, не само во мониторингот, туку и во преземањето конкретни чекори и иницијативи во насока на јакнење на јавната свест и барање за целосна посветеност во борбата против корупцијата.
Како потсетник, никогаш да не се вратиме во таа состојба и да останеме информирани и свесни за штетните влијанија на корупцијата, ЦИВИЛ потсетува на публикација посветена на антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на www.civilmedia.mk од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година.
Биљана Јордановска