Општина Штип и за наредната година ќе обезбеди бесплатен претстој во детските градинки за децата на самохрани родители. Билјана Казанџиска раководител на Секторот за јавни дејности, ЛЕР и образование на денешната прес-конференција истакна дека за таа намена во буџетот за 2020 година имаат предвидено 1.700.000 денари. Дополнителни средства се обезбедени и од Министерството за локална самоуправа за обезбедување на престој на децата од ромската заедница на возраст од три до пет години. Оваа Програма се спроведува веќе втора година по ред.
– Министерство за локална самоуправа на Општина Штип додели средства за имплементација на програми за бесплатно вклучување на деца Роми од три до пет години од Општина Штип во предучилишно-воспитно образовен процес за 2019 година за период од 15.09.2019 до 15.09.2020 година. Од Министерството за локална самоуправа на Општина Штип за 2018 година и се доделени 227.000 денари за вклучување на 15 деца и за 2029 година 180.000 денари за вклучување на 12 деца, или вкупно 27 дечиња се вклучени во градинките во Општина Штип, вели Казанџиска.
Таа забележа дека во текот на минатиот период Општината заедно со ресорните министерства, но и со помош на амбасадорите на Јапонија и Швајцарија направени се сериозни и големи реконструкции во градинките во Штип.