пишува: СИМОНА МАНЕВА ЖИВКОВА
Додека ние мислевме дека правниот тим на Мицковски од неукост дава предлог спротивен на одредбите од Уставот, професорката излезе да ни каже дека знаеле, многу добро знаеле какви се одредбите, но се воделе од тоа дека веќе сме ја имале истата пракса во минатото, се воделе од тоа дека нивниот предлог е поправичен од Уставот и Законите…
За малку, помислив дека господинот Мицковски има направено добар тим од професионалци и дека можеби ќе почне да нѐ изненадува со позитивни пораки.
За жал или за среќа, навреме видовме, ВМРО ДПМНЕ никогаш не го менува концептот. И да си најголемиот професионалец во твојата струка, ако влезеш во нивната игра, ќе играш по нивни правила, независно дали тоа е спротивно на Уставот или на Законите. Во нивната брутална игра се кршеа закони, правила, уставни одредби… Во нивната игра не важеше ниту еден пропис, ако тие сметаа дека треба нешто да направат.
Секогаш нивната идеја и замисла беше пресвета и се спроведуваше, независно од тоа дали се кршеше со тоа некој закон или нечие друго право. Така живеевме 11 години, знаејќи дека властите можат да направат сѐ што ќе замислат и дека законите и прописите за нив не важат.
Се сеќавате?
Ете, така, овој предлог и нивните цврсти ставови околу него, драги мои, е предвесник на она што нѐ чека, доколку, не дај боже, пак добијат можност да ја заробат државата…
И упорно се обидуваат да нѐ убедат дека, сите што се чудат на предлог спротивен на Устав, се лоши, а со ставот дека не треба да се крши Уставот сакаме да наштетиме некому… Тие, со оваа пресвета идеја, се „богови“ кои, со кршење на законите, сакаат да направат нешто правилно… Сето ова се објаснува само со еден збор – ВМРО ДПМНЕ и не ни е ни малку чудно што 11 години живеевме во беззаконие и самоволие на луѓе кои секогаш одново ќе се обидуваат на истиот начин да се вратат таму каде што бевме до пред три години. Тие, едноставно, не умеат поинаку.
Само, нека ги потсети некој, поради ваквото однесување ја изгубија власта.