Владата на Република Северна Македонија на последната седница ги разгледа и усвои Стратегијата и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство во Република Северна Македонија. Националната стратегија (2020-2025) и Акцискиот план (2020-2022) ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и активностите што треба да се преземат и унапредат при превенција и заштита на децата од сите видови на насилство. И двата документи се подготвени од Националното координативно тело за превенција и заштита на децата од злоупотреба и занемарување. Во подготовката учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика и од други министерства, како и од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и други граѓански организации.
’’Заштитата на децата од насилство претставува едно од основните права на секое дете. Во Република Северна Македонија заштитата на децата од насилство во последните 15 години е ставено како приоритет на кој континуирано и систематски се работи преку подобрување на политиките, законската рамка и низа мерки и активности за унапредување на системот за превенција и заштита на на децата од насилство. Покрај вложувањето во мерките за заштита на децата од насилство преку законските измени и развивање на програми и услуги, преземени во изминатиот период, во иднина неопходно е да се стави поголем акцент на превентивните програми и активности засновани на докази’’ , Истакнаа од Министерството за труд и социјална политика.
Инаку во текот на 2019 година се воспоставени 12 специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, а во буџетот за 2020 се обезбедени средства за 10 нови сервиси.
Подетални информации за пријавување на семејно насилство можат да се најдат на следниот линк.