пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Мицкоски и неговата партија веќе предолго време ја „возат“ својата кампања на „преспанско кајче“. Веслаат, веслаат, но некако во место. Никаде не ги води. А Преспа мирна, насмеана, спокојна, ги гледа и нишка со благите бранови, чекајќи трпеливо да им помине езерската треска на лажните патриоти кои обилно цицаат од буџетот на Северна Македонија, а ваму „веслаат“ нешто демек „никогаш-северна“. Додека самите не се удават во сопствените лаги.
Алчни за уште моќ и пари, помогнати од странски антизападни центри на моќта, опкружени со прислужници што се во сржта фашисти и радикали, а се продаваат за левичари, квази-патриотските структури не избираат средства за да ја остварат својата цел. Македонските најголеми, навистина историски успеси, препознаени и признаени од целиот свет, станаа главна мета на спин и манипулација, станаа оружје на црната пропаганда. Со успесите по главата на тие што ги постигнаа – добро проверено средство за пропагандна манипулација од фабриките на поранешниот КГБ-овец, Путин.
Сѐ што прават е за да се спасат од одговорност и да го вратат режимот назад. Режимот кој не е ни оддалеку мртов, благодарение на долгите краци што се вклештени во системот, особено во правосудството и во сите останати клучни сектори во државата. Режимот кој продолжува да корумпира и да ја попречува македонската иднина, на кој многумина му ги продадоа својата свест и совест (гледам, некои се враќаат сега, но тоа е друга приказна).
Тоа е тоа. Кога ќе се потрошат и последните пцости, непристојности и грди лаги и навреди, остануваат голите факти. Тука, важно е да се разбере дека пропагандата функционира на тој начин што најголемите придобивки, по падот на режимот на Груевски, ќе ги прогласи за неуспех и велепредавство. Затоа, важно е да се повторува, бидејќи луѓето, под пропагандната канонада на спин мајсторите, некогаш може и да се уверат во нешта спротивни на фактите, вистината, реалноста…
Па, еве, накратко.
Со македонско-грчкиот договор за надминување на спорот со името Грција добивме многу, а не изгубивме ништо. Од ФИРОМ станавме македонска држава, во која живеат Македонци, заедно со преубаво шаренило од други заедници, Македонците говорат македонски јазик, а државата се вика Северна Македонија, а не ФИРОМ. Добар е „дилот“. Не е како на овие, што ги слушнавме во „бомбите“ на Заев во 2015 година. Еве, за потсетување, само еден мал извадок од разговорот меѓу Антонијо Милошоски, Сашо Мијалков и Никола Груевски:
*
Сашо Мијалков: Знаеш што им е битно ним? Битно им е да нема шорт нејм (краток назив).
Антонијо Милошоски: Нема да има шорт нејм. Ние ќе им кажеме дека во официјалните називи, може тоа да биде и дел од Спогодбата, дека секаде Македонија ќе оди со единственото, официјално име. Нема да има шорт нејм како Маседониа или не знам што.
Сашо Мијалков: На пример, Независна Република. Друго што би можело? Демократска Република?
Антонијо Милошоски: Независна, демократска, суверена може да биде. Мислам тие три вака се, горе долу.
Сашо Мијалков: Пред Република?
Антонијо Милошоски: Па, пред Република да биде, да. Независна Република Македонија во заграда, сега зборам нај, најдиректно, во заграда – горна, независна или суверена Република Македонија, во заграда северна или… Значи ние во случај официјалната компонента, онаа најважната, суштинската од името, нема нас да ни донесе ризици, ќе си го сочуваме Република Македонија со нешто еве, условно речено оплеменето со Независна или со нешто друго, географската нивна ќе стои, во заграда, а тие дома, бидејќи Јорго тоа не може да го помине само во заграда, ќе рече луѓе не можевме ништо повеќе останува Република Македонија во заграда Горна. Ќе рече да, тешко беше, но не е само заградата каде што ние имаме некаква референца, туку дополнително издејствувавме да има уште една одредница и стигнавме до компромис да има и политичка, која прави сепак и одредена политичка дистинкција. Ние сме независна и суверена држава и прави одредена политичка дистинкција и има уште една компонента која е географска и ја прави дистинкцијата на којашто тие инсистираат. Значи, сложено име, посложено здравје, ќе може некако да го продаде кај своите дома.
Никола Груевски: Сѐ тоа во ред, ама на што ќе личи името?
Антонијо Милошоски: Ааах, сега… Не, сега јас… Си правам вака… Ааа… Споредба… Мене кога би ми се рекло, сеа, ние имаме две понуди и…
Никола Груевски: За на референдум на што ќе личи, не за после!
Антонијо Милошоски: Не не, добро, и за референдумот поаѓаме од основа, што е тоа за нас прифатливо или неприфатливо. Значи, ако јас имам два избори: едната да биде Горна Република Македонија или на англиски Апер Репаблик оф Маседониа, и втората да биде Индипендент Рипаблик од Маседониа во заграда Апер, јас како Македонец, гледано вака долгорочно би одел на втората.
Никола Груевски: Во заграда ВАРДАР?
Антонијо Милошоски: Или да, или во заграда Вардар, да. Кога би бирал помеѓу Вардар Рипаблик оф Маседониа и Апер Рипаблик оф Маседониа како едно име, без загради и без ништо друго, или Индипенден Р.М во заграда Вардар или во заграда Горна, јас би ја одбрал ова опција со заградата. Затоа што заградата, сакале тие или не сакале, со тек на време ќе си отпадне и ќе си остане Индипендент Р.М. Е сега проблемот е што, краткорочно, кога на луѓево ќе им го понудиме на референдум ќе речат добро што е сега ова, вие за една референца зборувавте, а сега како Обединети нации 5-6 додавки и придавки. Посложено ќе испадне од привременава што ја имаме сега. Ама ако се гледа долгорочно напред, за 5-10 години, заградата си отпаѓа и си останува тоа што ќе биде – Независна, Суверена или нешто слично.
*
Слушнете ја целата „бомба“, за да видите како „патриотите“ подземно го продавале и менувале името. Сега барем не мора да се плашите од партиските капитени и началници.
На сето ова, онака „спортски“, може да се додаде уште една поента: Да не е добра спогодбата, немаше да падне Алексис Ципрас од власт во Грција. Првите зборови што му ги упати националистичкиот лидер Мицотакис, кој победи на предвремените парламентарни избори лани во Грција, беа дека тој никогаш не би потпишал таков договор со македонската страна.
Да не зборуваме за колосалниот скок на имиџот на македонската држава во светот. Видовме свет. И светот нѐ виде нас, поинакви од порано, не како место на мрачни и крвави настани, туку како привлечни, убави, европски… Насмеани, по премногу долго време. Не гротескни, мали и затворени, туку сериозни, големи и отворени. Со име, не со кратенка, со јазик, нација, државност, не чудна збирштина населена на некое ситно парче копно.
Прогресивна и интегрирана македонска држава, како внатрешно, така и на меѓународен план е најголемиот непријател на криминалните структури. Тие и со ѓаволот би легнале, само да се спасат и да се доберат до власт. Тоа се голите факти и вистината зошто Мицкоски и неговата „армадила“ (негов израз) сакаат да поништат сѐ што постигна Северна Македонија (не со Вардар и Апер во заграда). Затоа што македонските интеграции значат и правда и мир.
Драга читателка, драг читателу… Насмевни се. Иднината е пред тебе. Не се откажувај од неа.
Сите права се задржани.