пишува: Џабир Дерала
Сабота, почеток на продолжен Божиќен викенд. Вистинско време за трилер на интернет порталите! Поточно, беше замислено како трилер, но излезе бурлеска. Што се случи?
Прв почна порталот Вечер.мк на Латас и Ивонче-Милионче каде што се лансира сторија за сведочењето на Боки 13 пред обвинителката Вилма Русковска, во кое наводно открил детали за тоа како Зоран Заев е вмешан во случајот. Сепак, под бомбастичниот наднаслов, ФИНАЛЕН УДАР и драматичниот наслов „Вечер дознава: Боки со нови тајни искази кажал сѐ за Рекет! Следат обвиненија за нови лица“ се редат горе-долу познатите конструкции што редовно ги слушаме од партиските говорници и ги читаме на интернет порталите блиски до Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Па вели, „според сознанија на порталот“ (човек треба да падне во несвест кога ќе ги прочита тој та-даам израз) „се работи за вкупно собрани околу 7 милиони евра со рекетирање бизнисмени. Според Боки 13, парите, во поголем дел, ги предал на луѓе блиски до претседателот на СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев“ и така натаму.
Малку повнимателен читател може веќе тука да забележи дека нешто не е в ред со оваа сторија, почнувајќи од терминот кога се објавува (прв ден техничка влада и продолжен празничен викенд), па сѐ до невештото редење детали за веќе познати информации. Како кога човек лаже, па ја кити својата приказна со бесмислици.
Така, сторијата продолжува понатаму и оди во „убедливи“ детали од типот:
„Телефоните кои му биле одземени биле зклучени со шифри при што се појавил проблем за откривање на содржината. На овие состаноци со обвинителката Рускоска Боки 13 прифатил да ги даде шифрите за декодирање на телефоните и преземање на содржината од нив како докази“.
Потоа, куртон порталов на Латас и Ивонче-Милионче нѐ убедува дека мора да е точна приказнава, бидејќи изворот и порано им кажувал работи што биле точни. Стварно?
На крајот од „финалниот удар“ на Вечер.мк, следат неколку параграфи и линкови во кои се фалат како, всушност, тие се првите во се што е поврзано со оваа афера. Со ова, се доведуваат во опасност да го навлечат гневот на новинарот Бранко Героски за кој е познато дека тој е прв во сѐ, особено за тоа што го нарекуваат случај „Рекет“. Јас на пример, му признавам, на Героски е случајот, не на Латас.
Добро е тука повторно да се нагласи дека многумина, па и јас, сметаме дека се работи за коруптивен случај или поточно, случај „Поткуп“.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА