Во Кочани, 26 од 28 пријавени студенти ќе користат општински стипендии за студиската 2019/20 година. Оваа година бројот на стипендистите е речиси удвоен во споредба со претходните години.
Конкурсот што го распиша Општина Кочани на крајот на ноември минатата година опфаќаше четири категории студенти: студенти со висок успех во студирањето, студенти на факултетите за медицински науки, студенти од социјално загрозени семејства и студенти од ромската етничка заедница. Како дефицитарни кадри, основ по кој кандидатите можеа да добијат пет бода, беа утврдени студентите на: Технолошки факултет, Текстилно инженерство, Ветеринарство, Mузичка уметност, Хемија и Биологија.
Стипендиите се доделуваат за период од десет месеци почнувајќи за студиската 2019/20 година, а износот е 3 000 денари месечно по студент.
Покрај овие стипендии Општина Кочани доделува и стипендија за спортист-спортска надеж на Кочани, за остварени спортски резултати и достигнувања во 2019 година. Месечниот износ на стипендијата е 3 илјади денари, а стипендијата се доделува за време од шест месеци, во текот на 2020 година. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Кочани за 2020 година.
Право на стипендија имаат кандидатите кои се жители на општина Кочани на возраст од 17 до 20 години и се членови на спортски клуб, друштво или асоцијација регистрирана во Агенцијата за млади и спорт со решение за вршење дејност спорт. Критериумите за бодување и потребната документација за конкурирање се опишани во целосната објава на веб-страницата на Општина Кочани, а рокот за пријавување е до 24 јануари 2020 година