Овој четврток, на 16 јануари, со почеток во 12 часот во салата на општина Штип, ќе се одржи првата од серија јавни трибини за Дигитализација на јавните услуги во Република Северна Македонија.
На трибината ќе се зборува за дигитализацијата на земјата, како и за нејзината улога во професионализирањето на јавната администрација. Посебен фокус ќе се стави на Националниот портал за електронски услуги како електронска платформа достапна на https://uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи, значително олеснувајќи го административниот процес.
За дигитализацијата на земјата ќе говори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, а свој осврт ќе даде и градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски.
Дополнително, на трибината ќе говори и проф. Зоран Здравев од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип како претставник од академската заедница. Бизнис заедницата ќе ја претставува Хајди Клинчарска, искусен веб-девелопер и менаџер од „Лупифај“, млада компанија со 5 години работа во индустријата за информатичка технологија и услуги. Тие ќе зборуваат за тоа како академската и бизнис заедницата работат на процесот на дигитализација заедно со институциите и со невладните организации и за сеопфатните придобивки од дигитализацијата на земјата.