Министерство за финансии објави јавен повик за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит. Сите граѓани кои се заинтересирани за добивање субвенциониран станбен кредит можат да аплицираат за купување на нов стан,односно субвенција на дел од месечна рата при што Владата ќе плаќа 50% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за лица со возраст над 35 години, односно 70% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за млади лица до и со наполнети 35 години или субвенција на дел од учество при што Владата ќе плати 50% од учеството потребно за добивање кредит, најмногу до 6.250 евра за лица со возраст над 35 години. Владата ќе плати 70% од учеството потребно за добивање кредит, најмногу до 8.750 евра за млади лица до и со наполнети 35 години.
Субвенцијата e неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит, како и во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10-тата година од отплатата на кредитот за овие модели.
Министерството субвенционира исто така и изградба/купување на нова куќа со можност за субвенција на дел од месечна рата при што Владата ќе плаќа 80% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот за лица со возраст над 35 години. Владата ќе плаќа 60% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 3 години од отплатата на кредитот, 50% од месечниот ануитет во следните 5 години и 40% од месечниот ануитет во следните 3 години од отплатата на кредитот за млади лица до и со наполнети 35 години или субвенција на дел/цело учество при што Владата ќе плати 80% од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 10.000 евра во денарска противвредност за лица со возраст над 35 години. Владата ќе го плати целосниот износ од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 12.500 евра во денарска противвредност за млади лица до и со наполнети 35 години.
Субвенцијата е неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10- тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за лица со возраст над 35 години и за моделот субвенција на 80% од учеството. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 12-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на дел од месечната рата за млади лица до и со наполнети 35 години и за моделот субвенција на 100% од учеството.
Критериумите и условите кои треба да ги исполнуваат граѓаните за да можат да се пријават за добивање на субвенциониран станбен кредит се наведени во Јавниот повик објавен на официјалната страна на Министерството за финансии. Рокот за пријавување е во периодот од 1ви јануари до 31ви декември 2020 година.