„Последните измени во Законот за извршители воведуваат нови категории, со кои ќе има олеснување во извршувањето, а тоа се социјално загрозените категории. Меѓутоа како социјално загрозена категорија со новиот закон се сметаат и луѓето што земаат просечна плата. Тоа значи дека тие ќе бидат заштитени во однос на месечните примања од досегашните 1/3 што може извршителите да зафатат, сега ќе зафатат една петина.
Видете во однос на проширувањето на правата, извршителите мора да го почитуваат законот кој содржи императивни одредби во тој однос и затоа сметаме дека кај граѓаните ќе доведе до олеснувачка состојба“, изјави за ЦИВИЛ Медиа Зоран Димов, претседател на Комората на извршители како коментар на новите измени во Законот за извршители.
Колку овие измени се позитивни или негативни за самите извршители Димов не одговори, но позитивна страна на законот е што примената на законските одредби се однесува и за веќе започнатите извршувања како поповолен закон за граѓаните.
Месец декември 2019 беше во знакот на протестите против извршување, но и протест на самите извршители токму кога се отвори прашањето за измени во Законот за извршители.
Граѓаните протестираа да прекине блокирањето на сметките, коко и да има ветинг за извршителите. Извршителите од своја страна, пак штрајкуваа незадоволни од новиот тарифник што го предложи тогаш Министерството за правда, а со кој се предвидува намалување на наградата при извршување на парични побарувања од граѓани од 1.000 на 300 евра, сметајќи дека така извршителските канцеларии ќе се доведат во финансиска несолвентност.
Од Министерството за правда информираат дека и двете измени на законот се во насока на градење на концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните.
Б. Ј.