пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Читам ВМРО-ДПМНЕ: „Зоран Заев и неговите министри одговорни за финансии целосно ја руинираа македонската економија и ја клекнаа на колена“.
Што значи руинирана економија?
Тоа го знаеме кога Груевски беше воен министер за финансии во 2001 и 2002. Во 2001 стапката на реален раст на БДП беше -3.5%, а во 2002 беше 1.5% (извор, НБРСМ).
До 2006, СДСМ ја оправи економијата со раст до 5.1%. И после дебаклот во Букурешт, видовме што значи руинирана економија. Во 2009 стапката на реален раст на БДП беше -0.4%, а токму тогаш диктаторот Груевски сам одлучи да вложи речиси милијарда евра во антиразвојниот „проект Скопје 2014“. Што значи економија на колена видовме и кога Груевски не сакаше мирно да ја предаде власта во вториот квартал од 2017, кога економијата падна на нула раст на БДП.
За две години, владата на СДСМ го крена реалниот пораст на БДП за 3.6% (во првите три квартали во 2019). И не само тоа, туку растот на БДП беше прудружен со соодветен раст на платите.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2019 година, изнесува 25 726 денари, а во јуни 2017, изнесува 22 808 денари. Разликата е речиси 3 илјади денари пораст на платите за помалку од 2 и пол години.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни 2010 изнесува само 20 424 денари.
Тоа значи дека за 7 години платата се зголемила само за 2.384 денари! А бруто надворешниот долг од 2006 до 2017 година пораснал од 2.5 милијарди евра, на 7.7 милијарди евра (втор квартал 2017).
Е, тоа е урнисување на македонската економија. Огромно задолжување, без реален економски раст кој ќе доведе до зголемување на платите и на животниот стандард на граѓаните.
Бројките се неумоливи. Економските бројки покажуваат дека досегашните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ беа погубни за македонската економија и за животниот стандард на граѓаните.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.
Извор: ФРОНТЛАЈН