Судија на претходна постапка попладневно му одреди осумдневен притвор на Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, пренесе А1он.
„Осумдневниот притвор му е одреден затоа што станува збор за скратена постапка, а исполнети се условите за опасност од бегство, бидејќи станува збор за дела против јавниот ред и моралот“, информираат од Кривичниот суд.
Јакимовски на ова има право на жалба до кривичниот совет на истиот суд.
Обвинителството утринава поведе постапка за загрозување на сигурноста при семејно насилство и по пат на информатички систем како и за непочитување судска наредба.
Обвинителството проценило, а Кривичниот суд прифатил дека постои основ Јакимовски да биде пренесен во Истражниот затвор во Шуто Оризари.
Тој беше уапсен вчера и помина речиси 20 часа во полициска станица, по серијата вербални напади и деноноќно вознемирување на новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, а и по пријава за семејно насилство.
По овие пријави, и други лица излегоа во јавност тврдејќи дека биле навредувани од страна на истото лице. Меѓу нив беше и директорката на Централниот регистар Марија Бошковска – Јанковски, која рече дека многу пати поднесувала поплаки до полицијата и се жалела дека е вознемирувана.
Минатата недела, Јакимовски доби отказ од Централниот регистар поради непочитување на колективниот договор и спорно боледување. Во меѓувреме, фан страницата на регистарот, која пред 10 години била отворена од Јакимовски, беше хакирана и беа постирани недолични постови. Бошковска – Јанковски претпоставува дека тие постови биле објавувани од Јакимовски.
Емил Јакимовски беше и активист на ВМРО-ДПМНЕ, а кон почетокот на месецов наводно бил исклучен од партијата. Тој раководеше и со неколку веб – портали.
За Јакимовски веќе има една судска пресуда за семејно насилство од март минатата година. Тој е условно осуден – ќе треба да одлежи една година затвор, доколку во наредните три години го повтори делото.