Лажните вести полека, но сигурно стануваат сè почести и поизразени во секојдневието на граѓаните. Интернетот денес ни остава палета од информации, но не се сите веродостојни и точни. Најважното прашање што секој читател го поставува е како да остане имун на дезинформации, лажни вести, манипулации…
Дарко Булдиоски, специјалист за дигитален маркетинг од агенцијата „Њу медија“, за МИА вели дека лажните вести се комплексен проблем и се резултат на серија развојни ситуации. Тоа, според него, не е нова појава. Лажните вести, како што додава, постоеле и постојат години наназад, но денеска се многу подостапни и побрзо се шират.
– Она што денес го гледаме е всушност некаква хиперекспанзија на лажни информации, дезинформации и лажни вести, затоа што едноставно каналите за комуникација ни се многу подостапни и се многу побрзи и подинамични и дозволуваат многу полесно една лажна вест пошироко да се распространи. Фасцинацијата денес е затоа што традиционалната моќ, односно чуварите на информациите, традиционалните медиуми што до скоро беа филтер што нè заштитува нас како граѓани од лажни информации, денес ја немаат таа улога, односно нивната улога е значително намалена, вели Булдиоски.
Во една ситуација во која на дневно ниво сме изложени на стотици, илјадници наслови и слики, важноста на секоја поединечна информација, односно вниманието со кое ја анализираме информацијата, според Булдиоски, е многу мало. Затоа, вели тој, е многу полесно денес да се прошири една лажна вест, дури некогаш и ненамерно.
Дезинформациите се алатка на пропагандата
Дезинформациите биле и ќе бидат алатка на пропагандата, вели Булдиоски. Разликата, според него, е во тоа што денес се многу подостапни за поширока јавност и што благодарение на интернетот многу полесно може на глобално ниво на различни краеви на светот да бидеме сведоци на злоупотреба на овие техники.
– Лажните вести се многу почесто форма во која имаме комплетно измислена информација, нешто што не постои, од нула го измислуваме. Дезинформациите се серија информации што се точни, но имаат одредена агенда каде што во дадена ситуација употребуваат само еден дел од целокупната комуникација што не е вистинита и всушност ја менуваат целата комуникација, додава тој.
Во однос на тоа кој ги креира лажните вести, Булдиоски вели дека постојат различни ентитети со различни интереси.
– Во основа, лажните вести ги креираат некои велешани, кумановци, Mакедонци, Балканци, Руси, кои имаат интерес да влијаат на глобалната политика, но денес сме сведоци на еден куп различни истражувања и новинарски стории што ни покажуваат дека скоро и не постои политичка агенда, партија или групација на многу различни земји и континенти што не посегнале да имаат медиумски капацитет преку кој ќе пласираат лажна информација, вели Булдиоски.
Неселективна транспарентност на институциите како борба против лажни вести
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, за МИА вели дека борбата со лажни вести е спрега во која треба да бидат вклучени сите фактори за да се постигне максимален ефект.
Според него, оваа борба треба да почне од институциите бидејќи, како што објаснува, работите секогаш почнуваат од онаму каде што има повеќе моќ и можност да се менуваат работите, но додава дека и граѓаните ја имаат еднакво одговорноста.
– Ако сакаме да се избориме против лажните вести како институции, кои се институции на сите, сите ние што ги плаќаме нив, тогаш мора навистина да имаме неселективна транспарентност. Треба да се грижиме во денешно време на дигитализација колку што е можно поголем број информации да бидат достапни онлајн, вели Кордалов.
Ако информациите се достапни постојано и секаде, ако се достапни во реално време, според Бојан, многу полесно ќе биде да се справиме ние со лажните вести. Институциите, односно секторите за односи со јавност мора да имаат и да изградат вештини како да се справат со лажните вести.
– Институциите мора да бидат подготвени веднаш во реално време да одговорат на одредени информации што се пласираат во јавноста, некогаш намерно, некогаш и од незнаење, но кои можат за многу кратко време, особено преку социјалните мрежи, да предизвикаат паника, страв и да направат сериозни погрешни размислувања, односно тези базирани на неточни или лажни дезинформации, смета Кордалов.
Според Дарко Булдиоски, институциите треба да обезбедат рамка во која ќе им дадат простор на професионалните медиуми и на професионалните новинари да дојдат до израз.
– Институциите треба да обезбедат средина во која квалитетот ќе биде предност, ќе биде препознаен и ќе може да пазарно да опстојува посамостојно, затоа што сме сведоци дека мотивацијата зад креирањето лажни вести и дезинформации многу често е различна. Некогаш е директен финансиски интерес, некогаш е политички интерес, некогаш е ненамерна манипулација или дезинформација, појаснува Булдиоски.
Да се провери изворот, кредибилитетот на медиумот, дали веста е потврдена…
Сепак, Булдиоски тврди дека не можеме да очекуваме некои институции или некоја индивидуа да најде волшебно решение да ги реши сите овие ситуации.
За да ги детектираме лажните вести и да избегнеме манипулација, Кордалов вели дека ние како граѓани не смееме да избегнеме одговорност, мора да размислуваме критички. Како личност, треба да вложуваме прво во себе и во нашата медиумска писменост и да донесуваме личен суд и став. Ние како граѓани, според него, денес мора да размислуваме критички.
Меѓутоа, граѓаните во ова динамично време полно со неточни информации, како што додава Кордалов, многу често реагираат така што се оттргнуваат и бегаат.
Извор:МИА