Советот за етика на медиумите во Македонија донесе одлуки: 4 веб страници, Вечер, Курир, Инфомакс и Нетпрес го прекршиле Кодексот на новинарите во известувањето за твитот на Петрит Сарачини на крајот на декември 2019 година, при што се обидоа да го манипулираат неговиот став и да го претстават како навреда кон Македонците или македонските граѓани. Советот за етика ја отфрли само претставката кон Република, иако констатира дека и таа била дел од копи-пејст нападот кон Сарачини тој ден.
Иако не целосно, морам да ви кажам дека сепак сум задоволен. Што би рекол Галилео – сепак се врти. Четири одлуки во моја корист на Советот за етика се далеку од морална компензација за една децениска хајка кон мене и речиси секојдневно „спружување“ што го добивам од овие структури, но, сепак, е добар почеток“, вели тој.
Според Сарачини, професионалците во новинарската фела, покажуваат сериозни намери да ги адресираат овие прашања, но дека во Македонија недостига поригорозна и подоследна примена на казнивост за говор на омраза и навреда и клевета.
„Мора да дојдеме до ситуација каде што медиумскиот простор ќе се ослободи од овие задушувачи кои што не се тука да информираат на тој простор, да информираат за интересот на граѓаните, за она што ги тишти нив и општеството, за проблеми, агрументи, документи и афери, туку се тука за да остваруваат нечии туѓи цели, парцијални цели, цели на центри на моќ, политичка и економска моќ, не е само политиката таа која се меша во медиумите, зад политиката често стојат парите и граѓаните треба да знаат дека на крајот на денот од тоа што се случува, некој заработува“, вели Сарачини.
Тој ги охрабрува сите да бидат гласни и да ги адресираат овие аномалии, кои веројатно секој ден граѓаните можат да ги забележат на социјалните мрежи.
„Ги охрабрувам да бидат гласни и да ги адресираат овие аномалии кои што веројатно секој ден им поминуваат на социјалните мрежи. Не го прифаќајте тоа што ви се сервира, молкот видовме до каде не доведе, немојте да молчите, бидете гласни, затоа што само така ќе дојдеме до една многу попристојна ситуација“, додава Сарачини.
Ангела Петровска
разговорот го водеше: Џабир Дерала
камера: Атанас Петровски
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА