„Европа е наш дом“ е проект на ЦИВИЛ што започнува денеска и ќе трае 12 месеци, до 31 јануари 2021 година. Во овој проект, составен од низа комплементарни компоненти, ЦИВИЛ ќе спроведува мониторинг, застапување и јакнење на јавната свест во повеќе области.
Проектот ќе опфати изборен мониторинг и учество во изборните реформи, како и мониторинг на најважните настани и процеси во земјата. Како што се вели и во самиот назив на проектот, една од главните определби на проектот е да се придонесе кон процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европска Унија. Понатаму, ЦИВИЛ ќе даде свој придонес и кон политичкиот дијалог, ќе покрене или ќе поддржи легислативни и граѓански иницијативи. Со овој проект се промовираат европските вредности, човековите права и слободи.
На различни начини, предвидени со проектната методологија, ЦИВИЛ ќе даде силен и видлив придонес и кон борбата против корупцијата, преку јакнење на јавната свест и соработката со релевантните институции во земјата.
Важна компонента на овој проект е и борбата против хибридните напади врз демократијата. ЦИВИЛ со години е една од водечките организации кои даваат свој придонес кон борбата против лажните вести, дезинформациите, говорот на омразата и другите облици на хибридни напади врз демократијата. Со овој проект, таа борба значително ќе се засили.
Оваа е комплексен и сеопфатен проект што ќе даде конкретен и видлив придонес кон напорите за одржливи реформи и општествена трансформација. Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права се главните определби на организацијата, а овој проект е од стратешко значење тие определби и да се преточат во конкретни резултати.
Статистичките податоци за проектот „Европа е наш дом“ се вртоглави. Низ четири комплексни компоненти (проектни линии), ќе се спроведат 19 различни проектни сегменти, со 10 различни категории на проектни резултати. Во нив спаѓаат различни видови на директна комуникација со граѓанките и граѓаните, вклучувајќи и одржување на 140 средби со граѓанките и граѓаните низ целата земја, 3 големи национални конференции и 6 панел дискусии на најважните теми во земјата, 29 прес конференции, 40 брифинзи, 18 средби со претставници на владата, политичките партии и невладините организации и 15 средби со луѓето кои учествуваат во креирањето на јавното мислење на локално и национално ниво.
И тоа не е сѐ. Проектот „Европа е наш дом“ предвидува динамична и извонредно видлива и влијателна медиумска продукција на информации, анализи, колумни, извештаи, интервјуа и анкети на македонски, албански и англиски јазик на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Проектот го финансира Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Договорот за поддршка, минатата недела го потпишаа Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Томас Герберих, и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА