Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес конференција информираше дека е донесен нов закон за урбанистичко планирање кој истакна дека бил изгласан едногласно од страна на пратениците.
Сугарески истакна дека законот е дел од реформските закони што беа започнати во делот на земјишната политика со кој се овозможува полесна изработка на урбанистички планови и надминување на коруптивните влијанија, што ги имаше претходно во оваа дејност.
„Со новиот закон постапките ги правиме потранспарентни за граѓаните со тоа што уште на самиот почеток на секоја постапка за донесување план, надлежниот орган треба јавно да ја истакне планската програма на веб страницата на општината. Зааради обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност при урбанистичко планирање ќе се спроведува јавна анкета што ќе трае од 30 до 90 дена, а органот што го носи планот, задолжително ќе мора да формира тело во кое ќе се вклучат сите заинтересирани стани и интересни групи од локалната заедница, кое ќе има право да расправа и да влијае врз донесувањето на планските решенија и политиките на просторниот развој на општината. Исто така, во делот на скратување на постапките по прв пат е дефиниран рок во постапка за донесување на план и тоа 8 месеци за изработка и донесување на ДУП и урбанистички план за надвор од населено место, 36 месеци за донесување ГУП, за урбанистички план за село и за градби и подрачја од државно значење и 48 месеци за изработка и донесување на ГУП за град Скопје„ објасни Сугарески
Со новиот закон како што кажа Сугарески исто така се зајакнува и инспекцискиот надзор со воведување регионални урбанистички инспектори. Според тоа, надзор на плановите ќе може да има Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Новиот Закон за урбанистичко планирање ќе стапи на сила од јуни 2020, а до тогаш ќе се усогласува со правилници и со други подзаконски акти.