Сирхан Усеин, студент од Правниот факултет во Скопје, обвини контроли од ЈСП за дискриминација и насилничко однесување кон него, за време на неговото возење во градскиот автобус со број 53.
Во објавата на неговиот Фејсбук профил, Усеин пишува дека се качил во автобус со број 53, од населбата Маџари до Автокоманда, каде шоферот ги исвестил дека автобусот ќе треба да се сервисира во гаражата. Патниците се симнале и чекале на автобуската станица друг автобус.
„По 5 минути доаѓа приватен автобус со број 45. Пред влезната врата патници се буткаа да влезат внатре во автобусот. Дојде ред да влезам јас внатре во автобусот и еден повозрасен човек насилно ме бутна за да влезе внатре. Јас му реков дека сите ќе влеземе, нема потреба да се буткаме, каде повозрасниот употреби пцовка упатена кон мајка ми. Му реков да не биде прост да ме пцуе и така да се однесува. По влегувањето внатре во автобусот повозрасниот човек седна до двајца контролори од ЈСП каде го прашуваа нешто на албански јазик повозрасниот човек и контролорот станува и од полн автобус јас во средина на автобусот ми бара билет, каде му поставувам прашање ЗОШТО САМО НА МЕНЕ а не и на цел полн автобус. Тоа што следува како одговор е дека: така тој сака“, пишува Усеин на својот Фејсбук профил.
Потоа, Усеин му рекол на едниот контролор дека таквото однесување претставува дискриминација кон него, дека е студент, има годишен билен и дека случајот ќе го пријави во полиција.
„Во истиот момент се јавив во полиција и разговорав со службено лице и додека му објаснував што е причината поради која се јавувам, да пријавам, следи одговорот на контролорот дека тие се главни и ќе прават како тие сакат. Додека зборував на телефон со полицаецот следеа закани во исто време од контролорите дека ќе ме удрат, ми се дереа и беа насилни, каде со сила ме фаќат за рака и ме буткат надвор. Ми падна телефонот надвор на третоарот и цело време додека се случува ова јас разговарам со полициското лице на телефон каде ме симнуват со примена на насилство врз мене на автобуска станица Општина Гази Баба каде и пренесов на службеното лице каде сум за да испратат полициска кола“, пишува Усеаин.
Откако го симнале на станицата, насилно му го земале билетот и го провериле, со што се потврдило дека има годишен студентски билет и истиот му го фрлиле на земја. Усеин сакал да фотографира и им рекол дека и тоа ќе го пријави во полиција, а тие на тоа одговориле со прашањето „Дали некогаш си јадел ќотек?“.
„Еден од контролорите си запали цигара и ми се закани дека ќе ми ја изгаси од чело и пред да заминат ми се закани дека не сум знаел со кого си имам работа, им реков да почекат да дојде полиција. Не чекаа, си отидоа, каде што јас сам чекав ЗАСРАМЕН, НАВРЕДЕН И ДИСКРИМИНИРАН и дадов изјава, односно направија записник. Немам веќе сила да бидам дискриминиран, поттиснат и кон мене и сличните на мене, да нема еднаков пристап само затоа што сме различи на повеќе начини мислам треба да дојде КРАЈ на ова“, пишува Усеин.
Здружението на граѓани Ромаверзитас преку соопштение го осуди ваквото недолично однесување на контролорите од ЈСП и ги повикаа надлежните лица од МВР, Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и ЈСП да ги преземат потребните мерки и целосно да го расчистат случајот.
„Ние сметаме дека ова општество заслужува подеднаква шанса за сите без никакви изживувања од насилниците, потиснувања, закани и дискриминација. Секое недолично однесување, навреда или закана заслужува и соодветна реакција до сите инстанци и институции во државата, барајќи корекција на насилството, говорот на омраза и дискриминацијата по било коај основа. Бараме соодветна постапка и заштита на нашиот студент на правен факултет Сирхан Усеин и истовремено го повикуваме, Јавното сообраќајно претпријатие –ЈСП, во име на насилниците – јавно да се оградат и извинат за недоличното однесување на нивните вработени лица и да превземат одговорност и мерки за корекција за истото да не се повтори“, стои во нивната реакција.
А. П.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА