Според дневниот ред објавен на официјалната веб-страница, пратениците во шпанскиот парламент, наредниот четврток, на 27 февруари, ќе одлучуваат за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, пренесува „360 степени“.
Комитетот на надворешни работи дал позитивно мислење, по што претседателката на Конгресот веднаш ја ставила оваа точка за првата наредна сесија на Долниот дом. Со чинот на гласање во Конгресот, завршува првата фаза од постапката предвидена со тамошното законодавство. Следува иста процедура и во Горниот дом, Сенатот. Протоколот ќе го разгледуваат сенаторите кои членуваат во Комитетот за надворешни работи, по што за него треба да се гласа на пленарна сесија.
Кога Протоколот ќе добие потврда од Сенатот, Шпанија го доставува во депозитарот на Стејт департментот во Вашингтон, по што земјава ќе го достави ратификуваниот Северноатлантски договор. Со тој чин, Северна Македонија и формално ќе стане членка на Северноатлантската алијанса. Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој неделава беше во посета на Шпанија, добил уверување дека целата постапка ќе биде завршена до крајот на март, пренесува 360степени.