Сѐ уште е отворено прашањето дали Јавното обвинителство конечно ќе отвори истрага за индициите пласирани во јавноста дека црни пари од Русија и од Унгарија се слеваат во македонски медиуми со цел да шират антидржавна пропаганда. Прашањето „дали“, во овој случај, е сосема излишно, а на прашањето „кога?“ одговорот за вакво прашање би требало да биде – „веќе е започната интензивна и сеопфатна истрага“.
Изминатава седмица на неколку прес конференции СДСМ ги повикува надлежните органи да преземат активности и да откријат кој ги дава парите, кој ги пренесува во Северна Македонија, на кои сметки се слеваат и крајното, за што се наменети? Дали е точно дека со тие странски пари се води антидржавна кампања, се конструираат случаи и се продуцираат лажни вести за да ѝ се наштети на државата во пресрет на членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ
Логиката на правната држава подразбира брзо и навремено интервенирање од страна на Јавното обвинителство, а тоа повлекува и финансиска контрола на медиумите, следењето на трагата на парите и, на крајот, каде завршиле и за што биле наменети. Очекувано беше дека до сега Јавното обвинителство да отвори предмет. На 10 февруари, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави новинарско истражување кое се повикува на банкарски документи и тврди дека пари од Унгарија, преку банки во Словенија се дистрибуирале во медиуми во Северна Македонија со што се финансирала кампања против процесот на членство во НАТО и други стратешки национални интереси.
Се подразбира дека од Јавното обвинителство се очекува да покаже интерес за случајот, особено затоа што нивните колеги во Словенија веќе водат истрага за сомнителни трансакции во нивните банки и за пари кои завршувале и во тамошни медиуми. Новинарите од Словенија откриваат дека на листата македонски медиуми се телевизија Алфа и порталите Курир, Лидер и Нетпрес, оние за кои во СДСМ велат дека се главната машинерија на Христијан Мицковски, помогнат од Будимпешта од Никола Груевски, за спроведување на црна кампања против европските процеси во државата. Тоа значи, како што наведуваат од „Нецензурирано“ дека медиумите имаат задача да го поткопуваат Преспанскиот договор и да шират лажни вести за членството во НАТО и датумот за ЕУ.
Паричните влогови кон Северна Македонија се интензивирале пролетта во 2018-та година, кога поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас преговараа за Договорот од Преспа. Договорот беше потпишан во јуни во 2018 година и беше услов за пристапување во НАТО. Во тоа време, Македонија беше под притисок на протестите на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ кои имаа крајна цел Зоран Заев да падне од власт, токму поради договорот. Истражувањето објавува дека 2,5 милиони евра во последните две години завршиле во посочените четири медиуми.
Според нивните извори, унгарските парични приливи повторно се интензивираат со наближувањето на изборите закажани за 12-ти април. Трансакциите повторно се одвиваат преку Словенија.
„Во последните години, унгарскиот политички врв, преку една од словенечките банки и помагачи во Словенија, спроведува огромна меѓународна операција за политичко разузнавање и подршка на медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ во Македонија. Целта на оваа операција е да се собори владата на Зоран Заев и Преспанскиот договор кој на Македонија ѝ обезбеди членство во НАТО“- стои во истражувањето на „Нецензурирано“
Инаку, операцијата започнала со средба во Охрид на 29 септември во 2017 година кога Виктор Орбан и Јанез Јанша, на официјален работен ручек со Никола Груевски, изразија поддршка за ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори во Македонија. Но, во позадина, тие очигледно веќе правеле други планови.
Во нормални услови, би требало да бидат доволни само овие информации, кои се само еден дел од целосното истражување спроведено во Словенија, надлежните да започнат постапка за утврдување на вистинитоста и одговорноста. Ако се утврди дека овие наводи се вистинити, тоа ќе значи дека нашата земја била мета на операција со која се загрозува слободата на медиумите, но и уште пострашно – ширење пропаганда против државата, а во полза на една политичка партија. Секако, во целата операција има елементи на хибриден напад врз демократијата и против националните интереси.