„Она што можам да го констатирам е дека довербата во овие општествени случувања варира од период до период. На пример, во последните неколку изборни процеси како за време на претседателската трка, референдумот или локалните избори, сметам дека довербата на граѓаните во изборните процеси започна да се враќа, во споредба со долг низ претходни изборни циклуси, каде што состојбата не беше таква за електоратот. Дополнително врз сите овие настани влијае и работата на ДИК, за која можам да констатирам дека сосема солидно си ја работи работата, иако е предводена од луѓе претставници на опозицијата. Тоа ни кажува дека првите луѓе на ДИК си ја знаат работата, а гласачите веднаш знаат да го препознаат тоа“, изјави Џабир Дерала за „Нова Макеоднија“ зборувајќи за довербата на граѓаните во изборните процеси која е одраза на довербата во институциите.
„За да се подобри сликата, исто така, треба да се најде и успешно решение на проблемите на нашата земја. ЦИВИЛ во својот ангажман за време и по изборите констатира дека нашето општество, за жал, сѐ уште е исполитизирано и поделено. Тоа за изборите, можеби, најмногу се забележува во работата на избирачките одбори, кои повеќе се ставени во служба на партиите од кои доаѓаат отколку на државата. Ние сме регистрирале случаи каде што тие вршат мобилизација на гласачи и прават паралелна евиденција на гласањето со што грубо го кршат Изборниот законик“, вели Дерала.