пишува: САШО ОРДАНОСКИ
СДСМ на овие избори има двојно потешка задача од сите други, бидејќи ќе треба во „симултанка на две табли“ да ги победи и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истовремено. И тоа во ситуација кога Мицкоски и Ахмети имаат силни егзистенцијални причини за теренска и политичка изборна соработка. Тоа нема да им биде ни претерано тешко, бидејќи целата меѓусебна „соработничка“ инфраструктура (минус Мијалков) им е нечепната, која на почетокот (2008) беше тешко воспоставена, но потоа внимателно се негуваше и развиваше во „златните години“ на нивната режимска кооперација за време на Груевски.
Од тој аспект погледнато, предизборна коалиција на СДСМ со некоја „албанска“ партија делува логично. Да беше практично изводливо, уште пологично би делувала предизборна коалиција на СДСМ со сите албански политички фактори вон ДУИ, плус бројните други помали етнички и идеолошки блиски партнери со кои СДСМ веќе соработува. Но, таква „гранде“ коалиција ги надминува „сизифовските“ квалитети дури и на еден Заев, иако неговата политичка и идеолошка флексибилност воспостави нови, импресивни стандарди во сферата на оперативните „жилавења“ на македонската меѓупартиска сцена.
Иако ДУИ делува како одамна претерано употребен антибиотик кој ги има изгубено повеќето свои политички лековити својства, тие партиски ликови не треба да се потценат. Бидејќи националистичката идеологија им е изветреана како што испарува алкохолот од одамна отворено шише вино, на куп ги држи клиентелистичкиот интерес, што е уште посилен изборен мотив за победа во споредба со она дека „за идеали гинат будали“. Ахмети за ДУИ е како Гадафи за Либија – без него, партијата би се распаднала на десетина завојувани „племиња“ кои, потоа, ни меѓународната заедница не би можела да ги состави на мировни преговори – па и за тоа учеството и во идната власт им е императив. Без власт, заминувањето на Ахмети од челото на партијата би било забрзано, а менаџирањето со партијата тешко изводливо. Целиот тој процес би бил поинаков кога партиските фракции би имале со што да се занимаваат по прашање на ординирање во внатрешноста на државната каса.
Дали БЕСА може да ги реши (своите и) изборните аспирации на СДСМ?
Тешка е таа проценка од сегашен ракурс. На СДСМ добро би му дошле 50-60.000 етнички албански гласови, а БЕСА тој капацитет самата го нема. Но, ја има симболиката на албански партнер за сдсмовскиот наратив „Едно општество за сите“. Тој наратив е компатибилен со програмата „Една држава за сите“ со која на изборите настапуваат Алијансата за Албанците и Алтернатива, што може да остави простор за деликатно „танго“ за време, а уште повеќе по изборите. Под претпоставка дека ДУИ нема да го прерипне прагот од десетина пратеници во следниот собраниски состав.
А може ли ВМРО-ДПМНЕ да се надева дека официјализирањето на предизборната албанско-македонска коалиција ќе му откине гласови на СДСМ, ако веќе ним не им донесе екстра гласачки прилив?
Тоа е крајно неизвесно, ама едно е сигурно: доколку со оваа предизборна стратегија СДСМ ја состави и идната влада, повеќе ништо нема да биде исто на партиската изборна сцена во Македонија! Концептот на партиската мултиетничност, како рефлексија на македонската реалност, ќе доживее таква критична промоција, што националистичкото ВМРО, откако ќе се распадне, ќе мора по прилично поинакви принципи наново да се составува. Секако не со овие луѓе во сегашното раководство, дома и во унгарската „дијаспора“.
Затоа е храброста на Заев (повторно) без преседан во мочуриштето на македонската партиска, но и национална политика. Немојте ни случајно таа храброст предвреме да ја прогласувате за лудост, оти и минатите неколку пати кога го прогнозиравте тоа завршувавте на итна политичка инфузија, тотално затечени од успехот на потезите на „муртинецот“. Човекот создава историја, во од.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА