Вечерашниот дуел меѓу лидерите на двете најголеми политички партии во Северна Македонија повторно на виделина го изнесе говорот на омразата. Според анализата на коментарите од страна на мониторинг тимот на ЦИВИЛ, говор на омраза беше упатен кон двајцата гости, новинарот, но и кон јавноста.
Најголем дел од коментарите кои содржат говор на омраза беа насочени кон претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а ова се само дел од нив: „Предавник“, „Долу тиранската платформа и грчката хунта на СДСМ“, „Баба Ванѓа вели дека Заев е готов“, „Не се симнувајте на нивото на шиптариштата“, „теле муртинско“, „Мицко згази ја оваа гнида ненормална“, „Се утепа од пушење кај странците, куртон комуњарски“, „Зајакот ќе биде одран вечерва“, „Зајко сунет кога?“.
Во значително помал број беа коментарите со говор на омраза насочени кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, еден од нив е: „Каков цреп си ти бе Мицко, мајка не раѓа таков“.
Во текот на емисијата имаше и коментари со говор на омраза насочени кон двајцата: „Да ви ги ебавам мајките на двајцата“.
Од говор на омраза не беше поштеден ниту новинарот, а атмосферата на линкот во живо дополнително се вжешти кога дел од гледачите почнаа меѓусебно да се навредуваат служејќи се со говор на омраза. Главните теми на овие навреди беа по основ на симпатиите кон една од партиите или пак на етничка основа.
ЦИВИЛ потсетува дека говорот на омраза мора да престане и дека мора соодветно да биде санкциониран. Говорот на омраза води кон насилство од омраза кое секако не му доликува на едно демократско општество. Ваквата слика на пошироката јавност која вечерва го следеше дуелот меѓу Заев и Мицкоски мора да се промени.
Значајно е да се спомене и дека постојат свесни граѓанки и граѓани кои знаат да препознаат говор на омраза и соодветно да реагираат на истиот. Таков пример е следниот коментар: „Без навреди, бидете пристојни, ако ве нервира не ја пратете емисијата, срамота!
Покрај говорот на омраза, ЦИВИЛ детектира и присуство на лажни вести и манипулации како коментарот на една гледачка во која таа тврди дека Заев и СДСМ од понеделник ќе ја згаснат телевизијата, веројатно алудирајќи на проблемот на телевизиските оператори, кои најавија дека од понеделник нема да емитуваат ниту домашни ниту странски канали, освен националниот сервис МРТВ.
„Северџанските предавници и телевизијата ќе ја исклучува од понеделник“, стои во пораката од оваа граѓанка.
Маја Ивановска
во соработка со: ЦИВИЛ мониторинг тим
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА