Затекнавме систем на социјална заштита што не стигнува до оние на кои им е најпотребен, центри за социјална работа без доволно стручен кадар и долги години занемарување на најранливите и најсиромашните членови на заедницата. Ова не го кажуваме само ние, ова го потврдуваат и сите извештаи како на домашните така и на меѓународните организации. Едноставно, социјалната заштита не била приоритет, рече дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријењ во дебатната емисијата „Еу Клик“ на ТВ21.
Непостоењето на системска грижа, како што посочи Шкријељ, резултирало со состојба да најголем број од членовите на семејствата што се опфатени со социјална заштита, се долгорочно невработени и со ниски квалификации.
-Не се работело на нивно оспособување и враќање на пазарот на труд. Тие биле едноставно заборавени и завршувале со она што се нарекува меѓугенерациски пренос на сиромаштија. Имате родители што се во системот и нивните деца продолжуваат да се во системот. Вистински излез од сиромаштија е можен само со вработување. Затоа работиме на активација, која е суштина на социјалната реформа. Со поддршка на ЕУ и Агенцијата за вработување, со центрите за социјална работа креиравме посебна програма за корисниците во нашиот систем. Се избира најработоспособното лице од семејството, му се дава психосоцијална поддршка и се упатува на обука за доквалификација или преквалификација, со цел да му се понуди соодветно работно место- нагласи Шкријељ.
Шкријељ одговори и на прашањето зошто сѐ уште медиумите известуваат за социјални случаи. Објаснувајќи дека само што се поставени основите на системот на социјална заштита и дека воспоствувањето на систем кој навистина нуди заштита и поддршка бара продолжување на посветената и интензивна работа, дополнителната заменик-министерка додаде: -Втор битен елемент е прашањето зошто центрите за социјална работа чекаат да се појави случај по медиумите па да реагираат. Кога велиме дека сме имале занемарен систем, тоа значи дека сме имале занемарени центри за социјална работа, со недостаток на стручен кадар, вработувани лица со несоодветен профил, со земјоделско училиште, ветеринари. Затекнавме центри за социјална работа каде нема ниту еден стручен тим. Затоа битен дел од реформата беше инвестирањето во центрите за социјална равбота, прво, преку дополнителни вработувања, второ преку отворање на канцеларии на центарот за социјална работа во секоја општина, со што центрите ќе бидат поблиску до граѓаните и ќе можат многу побрзо да ги мапираат ваквите случаи, да ги посетат и да ги внесат во системот. Постојано се вршат обуки на кадарот во центрите за социјална работа. Направиме и зголемување на нивните плати, кои беа на недостоинствено ниво- кажа Шкријељ.