Денес градоначаликот на Општина Штип оствари средба со директорката на Центарот за јавно здравје, директорот на Клиничката болница и директорката на Здравствениот дом во Штип, на која е разговарано за состојбата во градот и регионот.
Бочварски на својот фб профил меѓу другото извести за повеќето мерки кои Општината заедно со ЦЗЈ ги има превземено со цел ефикасно справување со Корона вирусот, Covid-19.
„Почитувани сограѓани,
Би сакал да ја информирам јавноста дека до овој момент во Штип нема заразени граѓани од Корона вирусот Covid-19.
Денес остварив средба со директорката на Центарот за јавно здравје, директорот на Клиничката болница и директорката на Здравствениот дом во Штип, на која ги разменивме информациите за состојбата во градот и регионот.
Сите општински капацитети се ставени на располагање со цел ефикасно справување со Корона вирусот, Covid-19.
➡️ Беше спроведена дезинфекција на автобусите за градски превоз преку кои се превезуваат текстилните работнички. Од утре ЦЗЈ ќе започне со втора дезинфекција на овие автобуси, како и на сите возила вклучени во такси превозот.
➡️ Се изврши дезинфекција на општинската зграда, градинките, основните и средните училишта, дневните центри како и сите останати витални институции во градот.
➡️ Денеска ТППЕ Штип по трет пат започна со дезинфекција на улиците и јавните површини со специјален течен концентрат за дезинфекција, а со оваа активност ќе продолжиме и во текот на утрешниот ден.
➡️ Целосно се заштитени вработените во приемното одделение и одделението за администрирање даноци при Општина Штип, за прием и услуги на странки. Своите потреби, информации и прашања граѓаните ќе можат да ги реализираат на следните начини:
➡️ Со јавување директно во приемното одделение 032/226-650, 032/226-655 или 078/472-625 и одделението за администратирање на даноци 032/226-625, секој работен ден од понеделник до петок од 7:30 – 15:30 часот
➡️ Преку официјалната веб страна на Општина Штип – www.stip.gov.mk
➡️ Се забранува организирање на локални настани, јавни собири, културни манифестации, промоции, панаѓури, саеми, спортски настани и слично на локално ниво, сѐ до моментот на изрекување на нови мерки и препораки од страна на Министерство за здравство.
➡️ Од денеска општата бања ќе биде затворена.
➡️ Апелирам до сите политички партии да не ја користат пандемијата како можност за собирање на дневни политички поени.
Повикувам да се придржуваме на препораките издадени од релевантните институции во државата.
Само заедно, сложно и одговорно ќе го победиме вирусот!“ соопшти Бочварски