Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата.
Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.
Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:
1) еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеца во непрекинато траење или 12 месеца со прекин во последните 18 месеца;
2) два месеца, ако има стаж на осигурување над 18 месеца до две и пол години;
3) три месеца, ако има стаж на осигурување над две и пол до пет години;
4) четири месеца, ако има стаж на осигурување над пет до седум и пол години;
5) пет месеца, ако има стаж на осигурување над седум и пол до десет години;
6) шест месеца, ако има стаж на осигурување над десет до дванаесет и пол години;
7) седум месеца, ако има стаж на осигурување над дванаесет и пол до 15 години;
8) осум месеца, ако има стаж на осигурување над 15 до седумнаесет и пол години;
9) девет месеца, ако има стаж на осигурување над седумнаесет и пол до 20 години;
10) десет месеца, ако има стаж на осигурување над 20 до дваесет и две и пол години;
11) единаесет месеца, ако има стаж на осигурување над дваесет и две и пол до 25 години и
12) дванаесет месеца, ако има стаж на осигурување над 25 години.
Барањето за остварување на надомест се поднесува во Центарот за вработување во местото на живеење на невработеното лице, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.
Доколку барањето се поднесе по истекот на рокот, паричниот надоместок се исплатува од денот на поднесувањето на барањето за преостанатиот период.
Паричен надоместок не се исплатува доколку барањето е поднесено по истекот на времето за кое следува истиот.
Право на паричен надомест не може да оствари :
Невработеното лице на кое работниот однос му престанал поради:
– давање писмена изјава за престанок на работниот однос (освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак);
– спогодбен престанок на работен однос;
– остварува права од работен однос спротивно на закон;
– престанок на работен однос по сила на закон (освен во случај на престанок на правното лице поради стечај);
– отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина;
– одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
– одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавец;
– одбивање обука, преквалификација или доквалификација;
– губење на работната способност, согласно прописите за пензиското и инвалидското осигурување и
– исполнување услови за остварување право на пензија.
Невработеното лице нема да може да оствари право на паричен надоместок, а доколку е корисник на паричен надоместок, ова право ќе му престане доколку:
– основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
– врши занаетчиска, односно професионална дејност.
Паричниот надоместок продолжува да се исплатува и по истекот на времето:
– на жена за време на бременост и породување; и
– ако Агенцијата го упати невработеното лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.
Паричниот надоместок запира да се исплатува доколку невработеното лице е:
– на отслужување доброволен воен рок;
– во притвот или издржување на казна затвор до шест месеци;
– на привремен престој надвор од Република Македонијадо до 12 месеци, а претходно писмено ја известил Агенцијата за вработување;
– работно ангажиран над 30 дена за вршење на јавни работи и
– работно ангажиран или врши дејност.
По барање на невработеното лице, правото на исплата на паричен надоместок може да мирува во случај кога:
– престојува надвор од РМ повеќе од 30 дена заради семејно обидинување, но не повеќе од 90 дена; и
– престојува надвор од РМ заради лекување или помош и нега на член од потесното семејство повеќе од 30 дена, но не повеќе од 90 дена.