Министерството за труд и социјална политика информира дека Владата донесе заклучок со кој се задолжуваат сите државни органи и институции, им се укажува на единиците на локална самоуправа и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои на работа одат со придружба – потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, да бидат ослободени од одење на работа и извршување на работни активности.
Заклучокот на Владата е донесен по барање на Министерството за труд и социјална политика поради потребата од заштита на лицата со попреченост кои одат со придружба, во услови на спроведување мерки за заштита и превенција од ширење на коронавирусот, со оглед на тоа што тие спаѓаат во групата на граѓани кои имаат поголем ризик за развој на потешки симптоми од КОВИД-19.