Откако Иван Јорданов координатор на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип и кандидат за пратеник на второ место во ИЕ 3, на својот фб профил изнесе тешки обвинувања за работата на раководството на Клиничката болницата во Штип дека во клиниката нема материјали, а набавка на нови не се очекува во брзо време., со одговор реагираше директорот на Клиничката болница Штип, Ален Георгиев.
„Бедно и срамно! Клиничката болница Штип пред колапс! Нема материјали, а набавка на нови не се очекува во брзо време. Ова се алармантни вести од институцијата која треба да лечи и тоа посебно сега во време на криза. За да биде уште подраматично болницата се жали дека има опаднати приход поради тоа што нема пациенти кои се лекуваат. Наместо да посакуваат што помал број на пациенти, раководството се жали дека им опаднал прометот од намалениот број на пациенти, срамно! Ова е уште еден доказ за тоа во каква состојба се наоѓа здравството во Македонија под водство на СДС. Кошулите и вратоврските на бледите пресови не помагаат. Потребни се вистински менаџерски и компетентни способности за справување во една ваква ситуација, работи кои кадрите од СДС ги немаат. Додека цел свет вложува во здравството кај нас тоа е веќе во вештачка кома, а бидејќи нема респиратори кои требаше да бидат набавени од надлежните прашање е уште колку долго вака ќе преживее.“ Напиша Јорданов на својот фб профил.
На обвиненијта упатени од Јорданов веднаш реагираше директорот на Клиничка болница Штип Ален Георгиев кој го осуди ширењето паника меѓу граѓаните во вакви кризни моменти.
„Бедно и срамно е да се плашат и манипулираат граѓаните на Штип и регионот!!!
Материјали има: маски, капи, наочари, визири, ракавици, мантили за една употреба, скафандери за една употреба, шиени скафандери и се што е потребно. Нормално е деке ќе се трошат, но без материјали нема да останеме. Сите оддели имаат далечински мерач на температура. Сите простории редовно и по потреба се дезинфицираат. Е сега, во врска со колапсот. Клиничка Болница беше пред колапс, ама пред 2 години, кога требаше да се вратат скоро 400.000 евра на вработените, кои некој не им ги исплаќал со години наназад. Ги вративме ние и не колабиравме. За нашите менаџерски способности има кој да цени. Сега за оние апарати за кои со денови зборувате – РЕСПИРАТОРИ нема да сметам колку можевме да купиме, ако не се купуваа врби, шмизли и прометеи. Прво, респиратор е машина, која може да ја користи само високо обучен кадар (анестезиолози и можеби уште некој) и само онаму каде што има централен довод на кислород. Во Клиничка Болница Штип имаме 2 респиратори од Владата донирани пред 8- 9 години, но за среќа првпат комплетно сервисирани пред 2 месеци.
Од лани имаме и транспортен респиратор, набавен со сопствени средства, кој освен за транспорт, може и статично да се користи со кислородна боца. Од лани купен со сопствени средства имаме апарат за анестезија, со сопствени средства, кој може по потреба да биде користен како респиратор. За околу еден месец, ќе добиеме нов модерен респиратор, повторно набавен со сопствени средства и ќе биде ставен во функција.
На крај, нема потреба од терање политика, во услови кога имаме голема закана за сите нас.Короната нема да не бира по убавина, интелигенција или политичка припадност. Затоа да бидеме конструктивни, дадете некој корисен совет, мерка, има време за политичка пресметка.
Здравјето, мирот и спокојот на граѓаните пред и над се!“, напиша Георгиев.