Детската градинка „Астибо“-Штип се вклучи кон заедничката иницијатива на голем број вакви установи во Европа, која ја носи пораката „Се ќе биде добро“. Директорката на градинката „Астибо“-Штип, Билјана Трајчевска за МИА вели дека пораката „Се ќе биде добро“ пристигнува од децата од Италија. Сите деца и родители кои се вклучени во оваа заедничка иницијатива имаат за задача да нацртаат виножито.
„Се ќе биде добро“ е пораката на децата од Италија кои како и децата од нашата татковина се во домашни услови, без можност за дружење и заедничко играње. Цртежите со виножито и пораката ги има насекаде, на прозорци, тераси, врати. Кон оваа иницијатива се приклучија децата од повеќе земји, па така и децата и родителите од нашата установа, детската градинка „ Астибо“ ја прифаќаат оваа убава порака и иницијатива со желба да ги научиме децата на сочувство, солидарност но и надеж во подобро утре“ вели Трајчевска.
Таа порачува децата и родителите од земјава во услови кога сите се дома поради пандемијата да се приклучат.
„Украсете ги вашите прозорци, тераси со цртежи со виножито кои ќе ги изработите заедно со вашите деца“, вели Трајчевска.
Таа истакна дека на веб страницата се истакнати и новинарски текстови од познати светски медиуми, коишто ја следат оваа акција, но и да се виде како децата од Италија заедно со своите најблиски почнале да ја реализираат оваа иницијатива.
Извор: МИА