пишува: СИМОНА М. ЖИВКОВА
Единствено нешто заради што чувствувам потреба да се осврнам на оваа тема, во момент кога сите сме фокусирани на здравјето на нашите најблиски и на општото јавното здравје, на тоа дека секој еден е важен, на тоа дека и во вонредна состојба имаме права, на тоа дека сите добронамерни чинители во нашето кревко општество даваме сѐ од себе, секој од нас да биде тука, да биде добар… Е, тоа што морам да потенцирам, за сите, сите до кои ќе стаса овој текст да видат, да прочитаат, да сфатат, да знаат.
Груевски е сѐ уште тука.
Оној Груевски кој избега од кривичен прогон, кој избега од закон, сѐ уште ја координира својата партија.
Оној Груевски, кого успеавме да го турнеме од престолот на власта, диригира преку своите пиони. Диригира преку Мицкоски, за кој верувам дека, да не беше управуван од безмилосниот диригент, сега ќе беше зад решетки, наместо пред микрофонот со напишаните говори од Будимпешта. Диригира преку Јанушев, во мојот исток, меѓу моите сограѓани, вредни луѓе, работници кои ја шиеја неговата јакна вредна пет месечни плати на оние меѓу кои парадира.
Преку министерот Чулев, за кого малку и се плашам да пишувам. Преку сето тоа што опозицијата го правеше во борбата против корона вирусот.
Сите донираа, сите дониравме, кој колку може, како што кажа бегалецот. Некој донираше маски, некој донираше ракавици, некој донираше храна, некој донираше пари, а опозицијата за целото тоа време парадира пред микрофони и камери.
Додека ние дониравме , тие читаа беседи. Додека ние дониравме, тие фрлаа пари по скапи спотови и реклами кои веќе и нема кој да ги гледа. Додека сите дониравме, тие ширеа паника и лажни вести .
А, сите сме под исто небо, на иста земја, со исти маки и стравови… И сето тоа само поради каприците на диригентот. Оти одлучиле да го следат слепо. Диригентот кој избега од народот. Одлучија да го следат и никогаш да не бидат достојна опозиција. Ниту во вакви моменти.
Исто како последната негова објава, верувам дека им ја сервира истата реторика. „Можевме“ , „сакавме“, „одлучивме“, „направивме“. Сѐ тој. Од Будимпешта, со нашите пари, на сигурно. А тие што ги извршуваат неговите наредби, тука, со нас. И најтажно е, што и самите знаат, дека единствена цел се неговите каприци и желбата за одмазда спрема тие што го симнаа од престолот, спрема сите нас.
Бегалецот од правдата, во најтешкото, додека бевме во неизвесност со пандемијата, додека со страв и натчовечки напори од граѓаните, од властите, од секој еден, се боревме против ова зло, никаде го немаше…
Откако увиде како полека се смирува лудилото со Ковид-19 и како успеавме да се стабилизираме и да избегнеме катастрофа, тогаш се јави да нѐ советува.
Ние сѐ уште се плашиме, сѐ уште донираме и си помагаме. Тоа, за кое тој напишал цел безобзирен и бесчувствителен текст, кај нас, во нашата држава, постои збор. Тоа се вика солидарност. Нешто што кај него и неговите следбеници не постоело и нема да постои никогаш.
И да. Сѐ уште има предизвици пред нас, имаме тешкотии, правиме и грешки. Кои ги поправаме. Некогаш полесно, некогаш потешко . Ама барем си немаме работа со лик како него. Можеме да зборуваме, можеме да викнеме, можеме да се налутиме и тоа многу. И никој да не биде линчуван за тоа. За тоа што го кренал гласот за да исправи грешка. Како во неговото време.
Изгледа како да излегуваме од кризата во однос на јавното здравје. Изгледа како да се ближат избори. А на некој, му останало , само тоа да му е важно.
Избори, лаги, три дена за еден проѕирен текст од далечната Будимпешта, сѐ за глас повеќе.