Околу 2.000 нови барања за гарантиран минимален доход или социјална помош биле доставени до центрите за социјална работа од усвојувањето на измените за олеснување на пристапот на граѓаните до ова право во услови на кризата предизвикана од коронавирусот. Олеснувањата, како што посочуваат од Министерството за труд и социјална политика, имаат за цел да овозможат системот да реагира брзо кога некој од граѓаните ќе се најде во ризик
Во центрите за социјална работа од моментот на носење на уредбата за брз влез во систем на социјална заштита од 3 април, пристигнати се околу две илјади нови барања за гарантирана минимална помош. Од нив 200 се решени, а останатите се решаваат тековно како се добиваат податоци од УЈП и МВР, рече на денешната прес-конференција заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.
Мерките со кои им се помага на ранливите граѓани и домаќинства се клучни, зашто од една страна ги ублажуваат последиците врз граѓаните кои останале без приход, но од друга страна овозможуваат државата полесно да го мине процесот на еконосмко заздравување.
-Оваа криза покажа дека реформите што беа направени во системот за социјална заштита се добро осмислени и сега помогнаа државата да може добро да се справи со последиците, рече Бајрактар.
Таа додаде дека право на помош ќе имаат и оние кои се избришани од евиденцијата на невработено лице заради нередовно пријавување или оние на кои работниот однос им престанал спогодбено, по барање или со отказ. Шкријељ потсети дека се направени и други ослеснувања на критериуми за кои по направена анализа утврдено е дека се начести пречки за утврдување на правата.