Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, заедно со дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ и градоначалникот Азем Садики денес беа во посета на новата Канцеларија за социјални работи во општина Студеничани.
Отворањето на општинските канцеларии за социјална работа е дел од имплементацијата на социјалната реформа со која целосно се менува системот за социјална заштита и се зголемува неговата ефикасност. Тие се финансирани со средства од заем на Светска банка а главна цел е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра.
„Граѓаните можат да ги добијат неопходните информации и помош близу до местото на живеење, преку канцелариите за социјални работи поефикасно се координира поддршката за ранливите семејства и се адресираат сите социјални потреби на граѓаните. Фокусот на Министерството за труд и социјална политика и на оваа Влада во време на целиот мандат се најранливите, а канцелариите за социјална работа како оваа во Студеничани се нашите пунктови за итен одговор. Се грижиме за сите подеднакво, на сите граѓани им обезбедуваме еднаков пристап до социјалните права и услуги “, истакна Шкријељ.
„Во оваа наша општина има околу 1.200 корисници на социјални права. За сите нив, но и за оние кои поради КОВИД-19 ќе влезат во социјален ризик, значајно олеснување претставува тоа што не мора да патуваат до меѓуопштинскот центар за социјална работа во Скопје, туку се што им треба ќе може да побараат во оваа Канцеларија“, посочи Бајрактар.