На социјалните мрежи се појави лажна вест за наводна „Одлука за избор на кандидати за вработување во УЈП РД Штип“, која граѓаните на Штип веднаш почнаа да ја споделуваат и коментираат, верувајќи дека се работи за автентична вест.
Лажната вест се состои во фотографија од документ за кој се тврди дека се работи за одлука според која сите избрани лица за вработување во УЈП РД Штип се Албанци. Лажната вест се пласира тенденциозно и со очигледна намера да се предизвика говор на омразата по етничка основа. Тоа се гледа од коментарите во кои се употребуваат изразите „шиптаризација“, „кантонизација“ и други. Некои од коментарите беа избришани набрзо по нивното објавување. Како први адреси од кои се претпоставува дека е пласирана лажната вест се Фејсбук страниците Македонски прес и Сан Штипаго.
Извори на ЦИВИЛ објаснуваат дека станува збор за Регионална Дирекција Штип, но за одделение во Куманово и тие одлуки се однесуваат на Куманово, а не на Штип.
Вниманието на долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ го привлече и фактот дека токму активисти на ВМРО-ДПМНЕ од Штип се меѓу првите што ја споделуваа лажната вест, иако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип е вработен во УЈП и многу добро знае за што се работи. Иако тој не ја сподели таа вест, можеше во најмала рака да им објасни на активистите за што се работи.
Според анализата на ЦИВИЛ, во оваа постапка на креирање и ширење лажни вести се гледа намера да се предизвика говор на омразата по етничка основа.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ