ЦИВИЛ денеска одржа прес-конференција за предизборната кампања, која повторно почна предвреме, најмногу се води со видео спотови и со спонзорирани содржини на социјалните мрежи, покажува мониторингот на ЦИВИЛ.
Биљана Јордановска од ЦИВИЛ истакна дека тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на финансирањето на предизборната кампања од 20 јуни до 28 јуни на полноќ, регистрираше 220 политички настани за кои партиите потрошиле пари во или вон рамките на платеното политичко рекламирање.
„Една десетина од настаните се случиле пред официјалниот почеток на кампањата на 24 јуни. Една третина од досега регистрираните собири на партиите се одржале пред официјално да почне предизборната кампања. Речиси сите партии имале партиски промотивни активности пред да почне кампањата. Мониторингот регистрираше вкупно 20 такви настани, од кои девет биле јавни собири, а ги организирале и СДСМ, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Пред официјалниот почеток на кампањата биле промовирани пет партиски видео-спотови“, истакна Јордановска.
Јордановска истакна дека ЦИВИЛ бара од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.
„Првата недела на предизборната кампања почна жестоко и валкано. Голем дел од политичките актери во неа не штедат ниту избираат средства во борбата со својот политички противник. ЦИВИЛ констатира дека, за жал, дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза стануваат едно од главните оружја и во ова предизборие“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Тој додаде дека се работи за очигледно оркестрирани пропагандни операции за ширење на дезинформации и омраза, кои особено се забележливи на социјалните мрежи, но и на неколку медиуми. Во оваа и ваквата продукција, предничат структури кои се поврзуваат со главната, но и споредните опозициски партии.
„Набљудувачите на Цивил секојдневно регистрираат објави кои организирано се споделуваат на ФБ страници со навидум имиња на организации или иницијативи. Потоа, од тие ФБ страници, содржините и пораките се шират од профили, честопати безимени, блиски до одредена политичка структура“, истакна Дерала.
Дерала додаде дека овие манипулации и пропагандни активности не се само упатени кон политичките противници. Честопати нивна мета се други, непартиски актери – новинари и медиуми, граѓански организации и активисти, истакнати стручњаци во разни области, па сѐ до граѓанки и граѓани кои немаат врска со споменатите ентитети, но се осмелиле да го искажат својот личен став. Сите тие се мета на говор на омраза од локални партиски структури.
ЦИВИЛ бара од политичките актери, особено до оние кои цела јавност ги гледа како предводници на деструктивната кампања која, со својата врева, го гуши правото на граѓаните да ја слушнат понудата.
Цивил порачува:
Престанете со омразата, лагите и насилството! Гласачите имаат право на информиран избор и на понуда, а не на меѓусебни плуканици. Скротете ги вашите ботови и партиски насилници, на ова општество му беше доста од насилство. Граѓанките и граѓаните на Северна Македонија очекуваат слободни, демократски и безбедни избори и мирен постизборен период!
Мониторингот на Цивил бележи и низа случаи на злоупотреба на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии во кампањата. Така, се бележи злоупотреба на службени возила во партиски цели од носителот на кандидатската листа на ДУИ во ИЕ 5, Талат Џафери, од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, како и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Непочитување на мерките за заштита од коронавирусот како што се гушкање, ракување, неносење маски, неодржување дистанца, пречекорување на бројот на присутни на партиските настани се забележуваат насекаде низ земјата. ЦИВИЛ испрати прашалник до сите политички партии на тема: „На кој начин политичките партии придонесуваат кон одржување безбеден изборен процес?“ на 24 јуни. До 17 часот на 30 јуни, одговори на прашалникот испратија само пет политички партии и тоа: СДСМ, Твоја партија, ДОМ, Сојуз на Ромите и Партија на пензионерите. ЦИВИЛ доби порака и од партијата Левица, но со сосема поинаква содржина, надвор од темата.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети