„Законското решение кое ги помина сите домашни и меѓународни филтри е гаранција дека ќе добиеме пред сѐ професионална, објективна и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Критериумите за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација гарантираат дека во ова тело ќе работат професионалци, на кои основната грижа ќе им биде заштитата на граѓаните и нивните права“, се вели во одговорот на прашањето на ЦИВИЛ Медиа за спорниот член 18 од Предлог-законот за спречување и заштита на дискриминација што го поставивме до портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Граѓанските организации, поточно Мрежата за заштита од дискриминација денеска реагираше на одбивање на аманданот за член 18 од Предлог-законот за спречување и заштита од дикриминација кој претходно беше одбиен од Владата, а со кој се регулира изборот на членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Со оглед дека амандманот не е усвоен во Собрание, а граѓанските организации се сомневаат дека изборот на членовите на КСЗД ќе зависи од партиски договор, а не од квалитетот и заслугите на кандидатите, прашањето на ЦИВИЛ Медиа до Владата е кои се причините за одбивање на член 18 и дали се оправдани сомнежите на граѓанските здруженија.
„Покрај општите, во Предлог-законот предвидени се и посебни критериуми кои мора да ги исполнуваат идните членови на Комисијата. За еден член да биде избран во Комисијата треба да има најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, а од нив најмалку пет години искуство во делот на еднаквоста и недискриминацијата.
Овие јасно дефинирани и прецизни критериуми се гаранција дека во ова тело ќе работат професионалци кои објективно и непристрасно ќе го ценат секој случај посебно и за кои нема да биде важна ниту партиската, ниту етничката, ниту каква било друга припадност. Само за потсетување Предлог-законот кој сега е во собраниска процедура, вклучително и во моментов предложениот начин на избор на Комисијата, беше усогласен со мислењето на Венецијанската комисија, со мислењето на Европската комисија, ОБСЕ-ОДИХР и ООН, а невладиниот сектор го поддржа при неговото претходно изгласување.
На Република Северна Македонија и е неопходно преку ефикасна и транспарентна постапка да добие професионална, стручна и независна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, а тоа ова законско решение, кое доби широка домашна и меѓународна поддршка, го гарантира. Владата очекува дека преку активното учество на граѓанскиот сектор во процесот на носење на Законот како и при изборот на членовите на Комисијата, дополнително ќе се обезбеди уште поголема транспарентност на процесот, имајќи предвид дека граѓанските организации се првиот и суштински линк со граѓаните за чии потреби се унапредува заштитата на правата на полето на антидискриминацијата“, се вели во одговорот на портпаролот.
Мрежата за заштита од дискриминација побараа од пратениците да го донесат Законот за спречување и заштита од дискриминација и да ги изберат членовите на КСЗД што поскоро, на начин со кој ќе ги демантираат нивните сомнежи и ќе одберат професионални членови на Комисијата кои имаат искуство, знаење и посветеност на недискриминацијата и заштитата на човековите права, а не како што се сомневаат избор на партиски кадри.
Биљана Јордановска