ЦИВИЛ ги набљудува предвремените локални избори во Штип и Пласница со 30 мобилни набљудувачи, почнувајќи од 11 декември кога гласаа позитивните на Ковид-19 и во самоизолација гласачи, 12 декември, кога гласаат болните, немоќни и осудените лица, како и утрешниот ден на гласање за сите останати граѓанки и граѓани.
Еден дел од набљудувачите се активни од првиот ден на официјалната изборна кампања која започна на 21 ноември, го набуљудваа и гласањето на болните од Ковид-19 на 11 декември, како и денешното гласање на болните и лицата на издржување затворска казна. Набљудувачите ги мониторираат изборите во 16 категории, вклучувајќи ги почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, корупцијата, говорот на омразата, ширењето лажни вести и дезинформации.
Првичните наоди од досегашниот мониторинг ЦИВИЛ ќе ги презентира во 19 часот, од прес центарот сместен во Хотел Оаза, Штип. На денот на гласањето, ЦИВИЛ ќе одржи 5 прес конференции и тоа во: 11, 13, 17, 19 и 21:30 часот, по што ќе се одржи и панел дискусија со почеток во 22 часот. Прес центарот во Штип ќе го покрива и гласањето и во Пласница.
ЦИВИЛ веќе одржа обука за изборните набљудувачи на претстојните избори за градоначалник во Штип и Пласница, но ги повикува и охрабрува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности во текот на кампањата или на денот на гласањето на онлајн формуларот на веб страницата Слободни избори.
Сите активности на ЦИВИЛ ќе бидат достапни и на медиумската платформа на организацијата, а дел од нив ќе можат да се следат и во живо на Фејсбук страницата ЦИВИЛ МК.