Иницијативата на жени од Шуто Оризари денеска одбележува годишнина од немање на матичен гинеколог во општина Шуто Оризари!
Салија Беќир Халим за ЦИВИЛ Медиа изјави дека уште во октомври минатата година министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека жените од Шуто Оризари ќе добијат гинеколог, односно д-р Божидар Бошковски кој е искусен гинеколог, ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина.
„Иако Министерството за здравство најави отворање на нова гинеколошка ординација, истата се уште не е отворена и репродуктивното здравје на жените од нашата општина веќе подолго време е ставено во ризик. 8.000-13.000 жени во репродуктивен период немаат матичен гинеколог во Шуто Оризари, иако сме на сред пандемија со ковид-19 откако пред една година гинекологот ја затвори својата гинеколошката ординација. Прво ни беше кажано дека ќе се отвори гинеколошката ординација од 1 декември 2020, па потоа на почетокот на јануари во 2021 година, но еве скоро помина цел месец ние се уште немаме гинеколог“, вели Салија Беќир.
Таа нагласи дека жените од Шуто Оризари повторно ќе останат без гинеколог, бидејќи д-р Бошковски треба да замине на пензија за година ипол, додавајќи: „И да почне со работа гинеколошката ординација, таа за краток период повторно ќе биде затворена, затоа треба државата уште сега да почне да подготвува специјализанти, односно да најде замена за докторот кога ќе си замине“, вели таа.
Инцијативата на жени од Шуто Оризари апелира до Министерство за здравство најитно да ја заврши постапката за отпочнување на работа на гинеколошката ординација во Шуто Оризари, како и да обезбеди трајно решение за овозможување на пристап до гинеколошки услуги на жените Ромки.
Дехран Муратов