Со добивање на точни податоци преку спроведување на пописот ќе може да се креираат политики, но не политики од политички партии, туку политики што го засегаат целокупното општество“, вели претседателката на Совет на општина Штип, Маријана Рогожарска Поповска, на панел дискусијата на ЦИВИЛ: „Попис: Статистика, не политика“ која се одржа во Штип на 4 март 2021 година.
Како Претседател на Совет на општина Штип ние секоја година, или на секои три години носиме развојни програми од одредена област. Ќе го спомнам последниот пример кога требаше да се изработат програми и стратегии за развој на општините во делот на социјалните политики. На првата страна што ми остави впечаток вели: ‘Во Штип има толку и толку жители, од кои толку и толку се од таква и таква националност… и завршува, се повикуваме на извори од пописот во 2001 година’. Ние сме сега 2021 година, односно 19 години ние немаме податоци и не знаеме колку жители има, која е нивната етничка, родова, верска припадност.
Попис ни е апсолутно неопходен ако сакаме да знаеме во која насока се движиме. Во Штип има факултет, и ние немаме точни податоци колку лица се со високо образование или имаме повеќе кадри кои имаат завршено средно образование.
Би било совршено доколку пописот се одвива целосно електронски како што бара опозицијата, но ние не знаме колку граѓани имаат основно познавање на компјутерски вештини, не знаме колку лица има што не знаат ниту да читаат, ниту да пишуваат, прашањето е каде ќе се најдат овие луѓе?
Со оглед на тоа дека речиси 20 години нема попис во нашата држава, ние не знаеме точно колку луѓе се иселиле и која е причината за нивното иселување и дали ние можеме да направиме трајни стратегии.
Никој не гарантира дека нема да има пропусти во целиот систем со оглед на тоа дека ние 19 години не спроведовме попис, и затоа треба да работиме да се отстранат сите проблеми, бидејќи пописот не треба да го одложиваме до недоглед“, вели Рогожарска Поповска.
Таа вели дека во 2019 година имаше пилот проект, односно пробен попис во 13 општини и помина без проблеми и истиот се спроведуваше на овој начин како сега.
„Би сакала да не се користи терминот „резултати“ оти се добива погрешна перцепција, бидејќи сме научени на секои 6 месеци да имаме изборни циклуси, па затоа таа политичка поделеност ни прави дали да ги признаеме или да не ги признаеме резултатите од пописот. Подобро би било да кажеме – прибраните информации и податоци, можеби тој израз на граѓаните подобро би им звучело…
Вистинските бројки добиени од пописот ќе им помогнат на политичките партии при изработката на програми за локалните избори, односно би ни дале реална слика што е вистинска потреба на граѓаните и каде треба да се насочиме“, истакна Рогожарска Поповска.
Д. Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети